Бумеранг ефект!
Предвидувањата на аналитичарите укажуваат дека до 2025 на стариот континент ќе се увезат 800.000 кинески ЕВ
Студијата која ја објави реномираната Price Water Coopers (PwC) укажува на сценарио кое најмалку им одговара на автомобилските производители од Европа. Според досегашната динамика и ситуација на пазарот до 2025 година, во Европа би можеле да се продадат до 800.000 автомобили од кинеско производство, повеќето од нив целосно електрични возила, вели PwC во направената студијата. Ваквиот развој ќе ја претвори Европа во голем увозник на автомобили, што ќе резултира со увозен вишок во 2025 година од повеќе од 221.000 возила.
Промената ќе дојде бидејќи кинеските брендови ќе го зголемат уделот на пазарот и, во исто време, европските брендови произведуваат повеќе електрични возила во Кина, отколку во Европа. Од потенцијалните 800.000 автомобили произведени во Кина, околу 330.000 би биле од западните производители на автомобили како што се Tesla, BMW и Renault Group, од кои сите моментално извезуваат ЕВ во Европа од Кина, вклучувајќи ги Tesla Model 3, BMW iX3 и Dacia Spring. „Кинеските производители продаваат сè повеќе БЕВ во Европа, и европските и американските марки сè повеќе го префрлаат своето производство на БЕВ во Кина“, се вели во соопштението на PwC. Феликс Кунерт, партнер и автомобилски лидер во PwC Германија, рече дека европските производители на автомобили продолжуваат да се соочуваат со проблеми со синџирот на снабдување и дека се фокусираат на изградба на поскапи (и помали) електрични возила во Европа.
„Кинеските производители, од друга страна, ги оптимизираа и ги развија своите производи на домашниот пазар, така што сега носат достапни изведби на БЕВ, иновативна технологија и нови концепти во Европа“, рече Кунерт во соопштението. Претходните напори на кинеските брендови да влезат на европскиот пазар во голема мера пропаднаа, велат PwC и други аналитичари, но експертизата на Кина за целосно електрични возила овојпат може да биде конкурентна предност. „Кинеските автопроизводители сега се обидуваат да ја зацврстат својата база во Европа. Во споредба со нивните претходни влезови на пазарот во изминатата деценија, полето за игра сега е значително израмнето“. PwC прогнозира дека кинеските брендови ќе имаат удел на пазарот на ЕВ од 3,8 до 7,9 проценти во Европа. Според PwC, голем дел од тоа зависи од тоа како се перципираат брендовите, додавајќи дека „кинеските брендови се сè уште релативно непознати во Европа и имаат многу работа да направат за да изградат силна репутација на БЕВ, особено кога станува збор за премиум моделите“.
Во друг неодамнешен извештај, аналитичарот за електрификација Матијас Шмит изјави дека околу 200.000 возила од кинески брендови најверојатно ќе бидат продадени во Европа оваа година, од кои околу 90.000 целосно електрични, 40.000 plug-in хибриди и останатите со конвенционални погонски склопови. Во исто време, западните марки ќе извезат околу 100.000 целосно електрични возила во Европа од нивните кинески производствени погони, рече Шмит во септември. Водечките кинески производители на електрични возила во првите седум месеци од годината се SAIC MG и Geely’s Polestar, рече Шмит.
Другите брендови како Nio и XPeng досега се мачеа да направат влијание. Во Западна Европа, кинеските брендови имаа удел од 5,2 отсто на пазарот на ЕВ во првата половина од оваа година, во споредба со 3,8 отсто во првата половина од 2021 година. Значителни количини се очекуваат следната година од заедничкото вложување на Smart, Geely и Mercedes-Benz, кои својата нова генерација на електрични возила ќе ја произведуваат во Кина, а не во Европа.


