Сегашните субвенции не се доволни!
ЅЕАТ бара повеќе пари од Шпанската влада за планираната фабрика за батерии и производство на ЕВ
Шефот на шпанската единица на Volkswagen Group Вејн Грифитс рече дека субвенциите што ги нудат шпанските власти за изградба на фабрика за батерии и производство на електрични возила не се доволни, но изрази оптимизам за изнаоѓање решение. Зборувајќи на панел дискусија во Мадрид, Грифитс рече дека решението, кое тој не го прецизираше, треба да се најде во рок од 10 дена. VW минатата недела соопшти дека очекува повеќе субвенции од Мадрид и ги проценува следните чекори откако во првата фаза доби 397,4 милиони евра од вкупно ветените 877,2 милиони од владината програма, позната како PERTE. VW планира да произведува нова палета на мали автомобили со батерии за своите брендови VW, Skoda и Cupra во Шпанија и да отвори фабрика за батерии во близина на Валенсија. Шпанија е втората по големина европска земја која произведува автомобили, веднаш зад Германија, и планира да ги користи фондовите на Европската унија за помош од последиците од пандемијата кои сочинуваат значителен дел од парите од програмата PERTE за да ја зајакне својата индустрија. Проектот предводен од Seat, во кој учествуваат и 60 други компании поврзани со VW, предвидува инвестиција од 10 милијарди евра за електризирање на шпанската автомобилска индустрија и претворање на земјата во европски центар за производство на електрични возила и батерии. По првиот круг на субвенции ќе следи нова фаза, во која ќе бидат исплатени уште над две милијарди евра, за да се обезбеди континуирана поддршка што му е потребна на секторот за успешно справување со електрификацијата, соопшти владата. „Шпанија е способна да направи еден од најдобрите автомобили во светот“, рече Грифитс, истакнувајќи го капацитетот на земјата за обновлива енергија. Сепак, тој изрази жалење поради фактот што земјата е меѓу земјите на ЕУ со најмал број на ЕВ. „Би било штета“, рече Грифитс, додавајќи дека „Шпанија треба брзо да реагира за да избегне да остане на крајот од колоната“.


