BMW ја посака Alpina… и ја купи!
Пет децениската врска за „сериозно“ крунисана со брак на неодредено…
Групата BMW стана побогата за уште едно звучно име – прочуената Alpina се придружи на големото семејството под капата на баварската компанија. Без да ги прецизираат деталите за финансискиот аранжман, двете страни објавија заедничко соопштение во кое се вели дека славното тјунерско име преминува во рацете на BMW но само како марка. Компанијата Alpina која е во сопственост на семејството индустријалци Бовензипен ќе се посвети на долгорочната иднина преку инвестирање во бизнисот со класични автомобили и ќе нуди различни возбудливи решенија за мобилноста. BMW се обврза до 2025 година да ги користи сегашните развојни и производствени капацитети, а достапноста на резервните делови ќе биде загарантирана. BMW и Alpina повеќе од педесет години имаат тесна соработка од која се имаат изродено доста посебни модели. Во погледот кон иднината не е оставено сомневање за електрификацијата и автоматизацијата на производството, што и беа некои од главните фактори кои имаа улога во донесувањето на одлуката за преземање на марката. Иако сето ова звучи како почеток на нејзиниот крај, сепак во ова време на фундаментални промени Alpina со финансиите и експертизата на BMW доби потенцијал за понатамошен развој. Барем во наредните три години а што ќе биде после, никој не знае.


