Од нула до сто за седум дена!
објавено 08. февруари 2022
Доколку малку чудно делува поставената равенка, тогаш имајте трпение да ги прочитате до крај зададените параметри. Минатата недела британскиот производител на малосериски супер автомобили Gordon Murray најави дека ќе го лансира својот втор модел Т.33, повторно двосед со V12 мотор. Развојот, хомологацијата и производството ќе се заокружат во 2024 кога ќе почне да се испорачува на купувачите. Ексклузивноста ја гарантира ограничениот тираж на сто примероци и секој од нив чини по 1,65 милиони евра без давачки. И еве не до финалето. За сите предвидени сто примероци примени се депозити и веќе се знае за кого ќе бидат произведени. Се очекува тежината на Т.33 да не надмине 1.100 килограми поради лесната конструкција сочинета од алуминиум и јаглеродни влакна. На тоа се надоврзува пропорционално направената аеро динамична каросерија и моторот од 615 коњи. Безвременскиот дизајн дава спој на перформанси, комфор и можност за секојдневно користење, но за жал, како и секој супер автомобил, така и Gordon Murray T.33, ќе заврши како дел од колекција од која ретко ќе се вади.



