Нова алијанса!
Двете компании, првично, ќе започнат нов заеднички бизнис во Јужна Кореја.
Веста за кооперација помеѓу Renault и кинескиот Geely одекна силно и, да бидеме искрени, неочекувано. Првичната информација вели дека двете компании ќе ги здружат силите за производство на возила кое треба да започне 2024 година во фабриката на Renault-Samsung во Бусан, на југоисточниот брег на Јужна Кореја. Таму ќе се произведуваат возила за Јужнокорејскиот пазар со традиционален и плаг-ин хибриден погон. Новите возила ќе го искористат најдоброто од компактната модуларна архитектура на Geely и неговите напредни хибридни погонски единици, додека Renault и Renault-Samsung ќе се фокусираат на дизајнот, искуството со клиентите и „современите технологии“.


Кинескиот Geely не само што поседува брендови туку напорно работи на современите технологии. На неговата СМА (Compact Modular Architecture) платформа, конструирана во развојното одделение во Гетеборг, се покажа како основа за возила со мотори со внатрешно согорување, умерени и плаг-ин хибриди, како и за потполно електричен погон. Најдобар пример за тоа се електричните модели на Volvo, Polestar, LTE, MG но и самиот бренд Geely. До сега на оваа платформа се произведени повеќе од 1,3 милиони возила продадени под различни марки во сопственост на Geely. Од двете страни не се крие оптимизмот.
Лука де Мео, кормиларот на Renault, нагласи дека соработката ќе ги мобилизира капацитетите на заедничкото вложување со Samsung додека Ли Шуфу, претседателот Geely Holding Group, изјави дека со нетрпение очекува да работат со Renault за да се реализираат нови синергии кои ги комбинираат силите од двете страни за да создадат вредност за крајниот корисник. Преку докажаното искуство во создавање на заемно корисни соработки кои се фокусираат на технологијата, искуството и споделување идеи имаат крајна цел создавање поквалитетни и поодржливи производи. Не се крие дека плановите се многу поголеми од пазарот во Јужна Кореја и партнерите се надеваат дека Renault-Samsung „ќе дозволи“ извоз во иднина. Оваа нова соработка изгледа перспективна. Geely расте неверојатно брзо и стана играч на светската автомобилска сцена. Renault, од друга страна, се чини дека заостанува малку во споредба со новите предизвикувачки брендови и групацијата Stellantis. Ова партнерство со Geely може да му овозможи на Reanult да го надополни изгубеното и да згазне на цврсто тло.


