Освежен и модернизиран
После четири години и 260 илјади произведени возила, Citroen го почести C5 Aircross со промени кои го надминуваат вообичаениот фејслифтинг.
Кросоверот доби нови преден дел на кој заоблените површини им го отстапија местото на острите и појасни линии. Најновиот дизајнерски израз на марката вклучува изменето лого кое е визуелно споено со ЛЕД светлата со што се истакнува широчината на возилото. Со ваквата преобразба C5 Aircross доби помодерно лице и препознатлив изглед кој го истакнува неговиот техно карактер.

Освежениот стил кој на задниот дел се согледува преку карактеристичните 3-Д светла е дополнет со многу детали во внатрешноста кои вклучуваат и нови можности за персонализација. Непроменет останува фокусот на удобноста сега засилена со нова генерација на Advance Comfort седиштата со јадро од пена со висока густина и дополнителен слој со дебелина од 15 милиметри кои покрај греење имаат и функција за масажа.

Напредните технички системи и асистенти кои ги има вкупно 20 го поместуваат C5 Aircross кон повисоките ценовни подрачја на класата на која припаѓа, што е дополнето и со поелегантниот избор на бои и дезени за внатрешноста. Погонските системи во целост се задржани и како и досега тој ќе се испорачува со 1,2 литарски бензински мотор со 130 коњи, со еднакво моќниот 1,5 литарски дизел и во плаг-ин хибридната изведба со вкупно 225 коњски сили. Почетокот на продажбата ќе биде при крајот на првото полугодие, а цените остануваат непознати.



