Повторно прв!
Mercedes стана првиот производител во светот кој доби законско одобрување за возила со трето ниво на автономност
Тоа во пракса значи дека возачот кој мора да биде присутен ќе ужива во возењето без раце и без да гледа на патот, сурфајќи на интернет или гледајќи филмови. Оваа можност за прв пат ќе се доживее во S-класата во првата половина на идната година. Но само на автопатиштата во Германија и тоа до 60 километри на час, а се очекуваат уште и одобренијата за поголеми брзини и за престигнување на побавните возила.

Во моментов најголема пречка за автономното возење се прописите ваквите автомобили да можат да учествуваат во сообраќајот. Засега само матичната земја на Mercedes ги издаде потребните дозволи, но се работи на нивно обезбедување уште во Соединетите Американски Држави и во Кина. Технологиите потребни за тоа Mercedes ги има развиено одамна, така што всушност сега се работи на нивно интегрирање и потврдување на ефикасноста во реални услови преку тестирања на јавните патишта. Нивна основа е комбинацијата на радар со долг домет, предни и задни камери и податоци од системот за навигација. Има и микрофон за детектирање на возилата на итните служби, па дури и сензор за влага кој ја следи површината на патот во случај на слаб контакт заради дожд или снег. Според најавите на Mercedes автономното возење постепено ќе биде имплементирана и во другите модели, меѓу кои прв на списокот е електричниот EQS.



