Оригинална реплика на Countach LP 500
На барање на еден свој богат купувач, Lamborghini направи реплика на првиот прототип на Countach
Објавено на 2 октомври 2021 година
Иако се покажува по повод 50-годишнината од појавувањето на Countach, приказната за овој автомобил што по нарачка го подготви Lamborghini започнува во 2017-тата кога еден пасиониран обожавател на марката и колекционер на класични автомобили им се обраќа на одговорните во Сант’Агата Болоњезе со необично барање – да му направат реплика на првиот прототип на Countach. Премиерно покажан на салонот во Женева, оригиналниот прототип со ознака LP 500 три години подоцна, непосредно пред пазарното лансирање на серискиот модел што настана од него, беше уништен во краш-тест.
Предизвикот беше прифатен и после 25.000 работни часа настана автомобилот што го гледате – фабричка реплика на оригиналниот прототип. Неговата изработка започна со детално проучување на целосната документација, фотографиите, извештаите од состаноците и работата и техничките цртежи, а направени се и консултации со некои од луѓето кои учествувале во неговиот развој. За задржување на автентичноста користени се технологиите кои биле актуелни во тоа време, а од Pirelli е побарано да подготви и пневматици каков имал оригиналот.


