Струен удар

Новите две електрични изведби го полираат имиџот на Audi

објавено 10. февруари 2021

Монолитен дизајн, складни пропорции, одлични перформанси и силен впечаток остава новиот двоец на ”господарот на прстените”. Ниската контура е развлечена пониско и пошироко од Audi A7, има поголемо меѓуоскино растојание задржувајќи приближно иста должина.

Audi e-tron GT се дефинира според неговата двојност. Гран-туризмо со високи перформанси, што може да се вози лесно во секојдневието. Сериски опремен со три коморна воздушна суспензија, управување на сите тркала и менувач со два модуса на работа ветува поголема возбуда зад управувачот од своите браќа со напумпани бензински комори. Изгледот е прилагоден на возните својства оптимизирајќи неколку клучни аеродинамични елементи кои се во функција на зголемувањето на дометот. Секавичните перформанси ги овозможуваат електро мотори поставени на предната и на задната оска. Разликата помеѓу e-tron GT и неговата RS верзија е во силата. Првиот произведува 235 коњски сили на предниот мотор и 429 коњски сили на задниот мотор. Нето комбинираната моќност на моторите е 469 коњски сили. За кратко време (overboost), само преку контрола на лансирањето, се испорачуваат 522 коњи во траење од 2,5 секунди. Ова му овозможува на e-tron GT да забрза од 0-100 км/ч за 4,1 секунди и достигне крајна брзина од 243 км/ч. RS верзијата го дели предниот мотор со e-tron GT, но има помоќен заден мотор, способен да произведе 450 коњски сили.

Заедно, предните и задните мотори во RS e-tron GT произведуваат нето 590 коњски сили и до 637 коњски сили во ”overboost”, па спринтот до стотка го поминува за 3,4 секунди и има максимална брзина од 248 км/ч. Тоа ги става перформансите на RS e-tron GT на исто ниво со суперавтомобилот Audi R8 V10 создавајќи нула директни емисии на СО2. Audi e-tron GT и RS e-tron GT претставуваат трети и четврти целосно електрични изведби во портфолиото на Audi и придонесуваат кон постигнување на зададената цел 30% од моделите  да имаат електрифицирано портфолио до 2025 година, вклучувајќи целосно електрични возила и приклучни хибриди. Покрај e-tron и e-tron Sportback, се очекува на гамата наредната година да се приклучи петтото електрично Audi, моделот Q4 e-tron.Audi e-tron GT и RS e-tron GT ќе пристигнат на пазарот, од двете страни на Атлантикот, ова лето со сите погодности што ги нуди технологијата за брзо полнење и големиот број полначи на располагање. Згора на тоа, овој тандем е опремен со најсовремените електронски асистенти па престојот во внатрешноста и возачкото искуство се на високо ниво. Проектираната цена се движи од 100.000 до 140.000 во валута во зависност од која страна на океанот ќе ги купите, како и нивото на опременост.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER