Шеста титула
Комерцијалните возила играат важна улога во портфолиото на една марка.
објавено 19. декември 2020
Peugeot е еден од клучните играчи во тој сегмент следејќи ги практичноста, издржливоста и функционалноста на неговите производи. Како доказ на тоа е по шести пат освоената титула ”Интернационално комерцијално возило”. Овој пат победникот за 2021 година е компактниот e-Expert со електричен погон и батерии што овозможуваат две автономии. Покрај тоа во игра се три различни должини на каросеријата и две намени, товарна која може да понесе до 1.250 килограми товар и до 6,6 м3 товарен простор и патничка со можност на превоз на 5 или 6 патници.
Покрај мултифункционалноста Peugeot e-Expert го освои жирито со својата еколошка ориентираност. Електричниот погон не е ништо ново во портфолиото на РЅА па во зависност од барањата, достапните капацитети на литиум-јонските батерии се од 50 kWh и 75 kWh. Базиран на мулти-енергетската модуларна платформа EMP2, новиот Peugeot e-Expert нуди 100% електричен погон со максимална моќност од 100 KW и максимален вртежен момент од 260 Nm. Верзиите (Compact, Standard и Long) достапни со батерија со капацитет од 50 kWh може да достигнат опсег до 230 km според WLTP. Стандардната и долгата верзија исто така можат да бидат опремени со батерија со капацитет од 75 kWh со автономија до 330 km, според истиот протокол.
Елетричниот Expert е достапен во истите верзии како и во врзиите со мотори со внатрешно согорување со цел да ги исполни сите потреби. Во зависност од нив се нудат неколку опции за полнење на батериите, од стандардна електрична мрежа до брзо полнење. Благодарение на термичката регулација на батеријата се овозможува користење полначи од 100 kW и достигнување на 80% наполнетост за 30 минути. Трите режими на возење што може да ги избере возачот се во функција на заштедата на енергија, лесна секој дневна употребливост и оптимизирани перформанси при транспорт на големи товари. Новиот Peugeot e-Expert комбинира компактни надворешни димензии со максималнa носивост. Батериите се наоѓаат под подот, без никакво влијание врз волуменот на товар. Возачот има поголема удобност во сите ситуации, преку специјално прилагодливиот систем за серво управување што го олеснува возењето и има мал дијаметар на вртење. Тука се задолжителните електронски асистенти па употребата е значително олеснета. За жал електричните доставни возила не се интересни кај нас поради отсуството на инфраструктура, но сигурно е дека со време тоа ќе се смени.



