Tiguan, а не Golf бил број 1 кај Volkswagen!
Објавено на 21 април 2020 година
Да не прашаше некој ќе се заколневме во Golf, но веста дека Volkswagen ќе го обновува Tiguan исфрли на површина интересна информација дека овој SUV е најпродаваниот модел на марката. Имено, во соопштението на производителот од Волфсбург се вели дека лани се произведени 910.926 примероци од Tiguan, што го прават најбројниот модел со знакот на VW. Тоа нé предизвика да тргнеме во потрагата по официјалните бројки, кои ги најдовме во годишниот извештај за работењето на групата подготвен за акционерите уште пред повеќе од еден месец. Но тогаш вниманието на целата светска јавност беше преокупирана со други проблеми, така што ова буквално никој не го забележа. А во него се вели дека Golf со 679.357 примероци всушност е на третото место според производството – пред него уште е и Polo (заедно со неговата седан изведба со ознака Virtus за третите пазари), кој е произведен во 706.052 примероци. Но исто така се гледа дека и лани редоследот бил ист, секако со други бројки за производство…


