Jeep – Easter weekend

Занимливости насловна

Традиција си е традиција!

И под притисокот на корона-рестрикциите, Jeep традиционално ја подготви својата армада концепти за Велигденските празници

објавено 02. април 2021

Како секоја година, така и оваа доминираат преработките на Wrangler. Нив ја предводи концептот Magneto, во кој off-road способностите се комбинирани со електричните технологии. Доработен до последниот детаљ, тој оддава впечаток дека нема долго да чекаме на ваков сериски модел.

Погонот го добива од електромотор со 285 коњски сили  спарен со шестстепен мануелен менувач, што е уникатно решение за возилата со нулта емисија. Батериите од 70 киловат-часа кои работат на 800 волти се поставени на четири места низ целото возило, за да му обезбедат дополнителна стабилност и подеднаква распределена на тежината на сите тркала. За разлика од него, Wrangler Orange Peelz го задржа 3,6 литарскиот Pentastar V6 моторот со ист број коњски сили кои ги пренесува преку осумстепена автоматика. За неговиот изглед и способности е заслужно Mopar одделението, каде е подготвена и Top Dog верзијата на пикапот Gladiator прилагодена на потребите на авантуристичките велосипедисти.

Освен специјалниот простор за товар и фиоките со алат поставени низ возилото на дофат на раката, во него се среќаваат ладилник за пијалаци и електрична скара со додаток за подготвување хот-дог сендвичи. Gladiator беше основа и за Red Bare и Farout концептите, првиот наменет за тешки терени а вториот за сериозни експедиции. Од таа причина и двата се опремени со трилитарски дизел прилагоден да испорача многу сила при мали брзини за полесно справување со невозможни ситуации. Како и секогаш досега не беше пропуштено да се оддаде почест на 80-годишната историја на марката што беше сторено со Jeepster Commando Beach од 1968 година, изворно конструиран како одговор на сé поголемиот интерес на Американците за користење на 4×4 возилата во слободно време.