208 GTi, ама (можеби) електричен!
Peugeot 208 GTi ќе се појави на идниот салон на автомобилите во Женева, ама никој не знае каков ќе биде – бензински или електричен?
Објавено на 9 јули 2018 година
Има име достојно за почит – Peugeot 208 GTi, што уште треба? Според нас тоа е доволно, но не и според Французите – тие сакаат повеќе. А тоа, засега, го гледаат во новите технологии и трендови, така што електриката можеби е повеќе од извесна кога зборуваме за овој модел. Работите засега не се јасни, ниту нам, ниту на одговорните во Peugeot, така што ќе мора да го почекаме идниот салон на автомобилите во Женева кога ќе дознаеме дали ќе нé испровоцираат со електрична верзија на 208 GTi. Или пак можеби со нов, целосно електричен модел кој ќе ја носи таа ознака.
Како и да биде, јасно е дека новиот Peugeot 208 GTi ќе претрпи значајни промени во однос на сегашниот модел, не само според дизајнот, туку и според димензиите и новата CMP платформа. Тоа значи дека ќе добие пократки препусти и подолго меѓуоскино растојание, додека трендовските додатоци во вид на ЛЕД светлата, големите екрани чувствителни на допир, задната камера и слично, се гарантирани. Дизајнот според сé ќе му биде подинамичен и поагресивен, а благодарејќи на поголемите димензии ќе има и попростран ентериер. Тривратната верзија најверојатно ќе биде исфрлена од понудата, додека за (класичната) моторизација се очекува турбо бензинец со некои 220 KS. За електричната пак се споменуваат автономија од околу 300 km и засега ништо повеќе. Можно е едно време паралелно да се нудат и две верзии на 208 GTi – бензинска и електрична. Во секој случај, и двете ќе имаат аеро боди-кит, поголеми тркала, спортски подесено ослонување, спортски издувен систем, посилни сопирачки, дотерана внатрешност со спортски седишта…