Херц дефинитивно оди во стечај
Откако пандемијата на коронавирусот му нанесе катастрофален удар, Херц поднесе барање за стечај
бјавено на 24 мај 2020 година
Иако е една од најстарите и најголеми светски агенции за изнајмување возила, Херц не успеа да го издржи ударот на коронавирусот и оди под стечај. Компанијата со седиште во Флорида сега ја очекува реорганизација со цел, како што се вели во барањето поднесено до судот, да се обезбеди поцврста финансиска структура која најдобро ќе ја позиционира за иднината низ долгото патување до целокупното глобално економско закрепнување. Со стечајот ќе бидат опфатени американските и канадските филијали на Херц, како и нејзините подружници Долар, Трифти и Фајерфлај. За време на постапката тие ќе продолжат со работа, за што се обезбедени повеќе од милијарда долари. Иако оваа сума е значително висока, сепак ни оддалеку не може да ги подмири долговите на компанијата кои се искачија над 24 милијарди долари, во моментите кога приходите драстично се намалија – Херц не кажува колку, но некои проценки велат и за 95%. Колку за споредба, Херц во ланската година ја заврши со приходи од 10 милијарди долари и имот во вредност од 26 милијарди, но и со загуба од 60 милиони долари. Располагаше со 550 илјади возила, за кои должеше 13 милијарди долари. Токму неможноста со тековното работење да ги исплаќа достигнатите рати за возила е главната причина за донесувањето на одлуката да се прогласи банкрот. За жал, најголем дел од цена ќе ја платат вработените – се очекува нивниот број да се намали за 20.000, што е половина од нејзината глобална работна сила.


