Пристига Peugeot 408

Но не оној што ние го очекуваме

Најавен за претставување при крајот на месецов, веста дека се појави новиот Peugeot 408 можеби некого изненади. Сепак новитетот не е оној што ние го очекуваме, бидејќи се работи за лимузина наменета за кинескиот пазар која освен истата ознака ќе нема ништо заедничко со европскиот 408 кој треба да биде купе-кросовер.

Преставен во 2010 година, овој модел е седан верзија на 308 со продолжено меѓуоскино растојание. Сега во својата трета генерација доби изглед многу налик на актуелниот европски хечбек, посебно на предниот дел. Тоа подразбира потенки ЛЕД светла, дневни светла налик на лавји заби и маска на која гордо стои новото лого на марката. Преработен е и задниот дел кој има нов браник и визуелно намалени светла кои се поврзани со црна пластика. Остатокот од каросеријата остана неизменет, па така 408 и сега е долг солидни 4,75 метри и широк 1,82 метри, додека меѓуоскиното растојание од 2,73 метри е еднакво како кај европската караванска верзија.

Внатрешноста е нова и доста пријатно уредена, што сигурно ќе влијае на статусот што оваа лимузина ќе го има кај купувачите. А нив лани ги немаше многу – едвај 9.200 што и беше причина Peugeot да му намени ваков сериозен рестајлинг, но не чепкајќи во механиката. Така 408 и понатаму ќе се испорачува со 1,2 и 1,6 литарски агрегати со 136 и 170 коњи, од кои посилниот со автоматика. Дали и цените ќе останат исти не се знае, но знаеме дека и покрај што не е наменет за Европа многумина кај нас со задоволство би го виделе во своите гаражи.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER