Премиера – Lexus RZ 450e

Раскошниот брат bZ4X

RZ 450e е првото батериско електрично возило на брендот, најавувајќи дека до 2026 година ќе бидат понудени целосно електрични модели во секој сегмент

Врската помеѓу Toyota и Lexus е тесна и не треба да изненадува што луксузната марка ги користи технологиите на најголемиот светски производител на возила. За првенецот искористена е основата и погонот од веќе претставеното БЕВ на Toyota, bZ4X, но користи некои „зачини“ кои не се достапни кај поевтиниот близнак.

Како што прилега на Lexus дизајнот на веќе дефинираниот облик на каросеријата е многу попривлечен, зрачи со вистински премиум карактер, има поголема моќност и мноштво луксузни карактеристики.  Маркантната маска на предницата со подобрениот отисок на фаровите и доработениот светлосен потпис на задниот дел делуваат моќно.

Како да ги најавуваат промените во погонот што се направени да го издвојат од првородениот брат близнак. За луксузно ориентираната изведба обезбеден е поголем капацитет на батериите и поголема сила. Подот на каросеријата за оваа пригода е домаќин на батерија од 71,4 kWh која може да се надополни од 20% до 80% на станица за брзо полнење за 30 минути. Згора на тоа, Lexus ветува дека капацитетот на складирање на енергијата во рок од десет години нема да опадне под 70 проценти и за тоа дава соодветна гаранција.

Според податоците од производителот автономијата е 440 километри доколку електричниот кросовер е опремен со тркала од 18 инчи. Со поголемите 20 инчни, Lexus RZ450e има максимална автономија од 395 километри. Досегот може да варира и од четирите модуси на возење. Моќта на системот достигнува 230 kW (308КС) и го забрзува RZ 450e до 100 км/ч за 5,3 секунди.

Максималната брзина е ограничена на 160 км/ч. Ентериерот, како и обично, елегантно е опремен, инструментите се јасно наредени, додека ергономијата е на високо ниво. За својот првенец во светот на БЕВ, Lexus обезбеди акустична изолација на високо ниво за великодушно димензионираниот ентериер ветувајќи дека бучавата од ветерот станува забележлива само над 140 км/ч.

Списокот на асистенти на возачот е долг зголемувајќи ја безбедноста во возењето на високо ниво.  Вистинските љубители на акустиката може да се сладат со Mark&Levinson аудио системот кој се контролира преку 14 инчниот централен дисплеј.

Промовирајќи го RZ450e, Lexus најави дека во следните две години ќе го опреми со новиот тип на управување без механичка врска помеѓу воланот и тркалата. Со оваа технологија командите на воланот се испраќаат до тркалата преку електричен контролер, истиот принцип што се користи во аеронаутичката индустрија.

Тој ќе има систем за управување на предните и задните тркала наречен Direct 4 што ќе биде од голема помош во секојдневното користење без оглед дали се вози во урбани услови или на пат со свиоци. Lexus RZ450e ќе почне да се продава од следниот месец во Европа и САД.

Тука е главната разлика која се однесува на купувачите. На Стариот континент цената ќе се движи од 68 до 78 илјади евра додека за американците најскапата изведба F Sport ќе чини 55.500 долари.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER