Премиера – Ford Explorer EV

Американски корени, европски амбиции

Ford го употреби своето познато име за својот нов електричен компактен кросовер за Европа

Кога се споменува Ford Explorer првата асоцијација е големо спортско корисно возило и, меѓу другото, омилено возило на американските полицајци. Тоа во САД има специфична тежина па затоа е избрано како знак на американското наследство и духот на авантурата за кого името Explorer е синоним. Така „синиот овал“ го објаснува превземањето на името за развиениот во Германија електричен кросовер. Ford Explorer, сепак, е многу поразличен од неговиот американски именик. Европската верзија е долга 4.470 мм, што е за 58 сантиметри пократка од американската, и е базирана на електричната платформа MEB на групацијата Volkswagen. Таа ќе се произведува во фабриката на Ford во Келн, а се планира втора верзија која би требало да го носи името Explorer Sport. За период од шест години се планира да се произведат 1,2 милиони примероци од двата модели. Ford најавува дека најевтината изведба ќе чини помалку од 45.000 евра. Овој впечатлив теренец со средна големина е резултат на пошироката соработка помеѓу Ford и Volkswagen за електрични и комерцијални возила. Explorer ја користи истата платформа на која лежат Volkswagen ID.4 и Skoda Enyaq iV. Можеби на таа основа почива амбицијата Ford да достигне продажба на од 600.000 единици годишно во Европа до 2026 година со вкупно девет модели на електрични возила. Explorer EV не е само Volkswagen ID.4 со различна значка. Вложени се напори да се истакне со надворешниот дизајн кој е масивен без да биде претерано агресивен. Тоа наговестува нов изглед на моделите на Ford во Европа. Гледан од страна неговите врски со Volkswagen ID.4 стануваат поочигледни. Во внатрешноста доминира големиот вертикално поставен 14,6инчен екран на допир, решение веќе видено кај Mustang Mach-E, со еден голем исклучок. Екранот може да се движи нанадвор за да ја открие скриената остава за дребулии. Инфозабавниот систем SYNC Move е најновото нешто од регалот на Ford. Под екранот на допир има простор за мобилни уреди, со два држачи за чаши и длабок простор за складирање од 17 литри под централниот потпирач за рака, што гарантира дека Explorer има замашен внатрешен простор за складирање. Багажникот има капацитет од 450 литри кој нараснува над 1.300 кога ќе се спуштат задните седишта. Ford допрва треба да ги открие целосните технички спецификации за Explorer. Сепак, најверојатно ќе користи батерија слична на онаа што веќе се користи на MEB платформата. Реално е да се очекува капацитет од 77 kWh, а можеби и поевтина од 58 kWh. Сходно на ова, најверојатно ќе користи електричен мотор од 150 kW (204 КС) за придвижување на задните тркала. Нормално е да се очекува верзија ЅТ која би имала два мотори кои нудат зголемени перформанси и погон на сите тркала. Ford најави дека полнењето од 10 до 80 отсто од капацитетот би траело само 25 минути. Ford Explorer ќе се појави на пазарот наесен.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER