Jaguar Land Rover се преименува себеси во JLR и ќе се реорганизира во 4 дивизии меѓу кои не е Land Rover
Објавувајќи ги своите планови за електрификацијата тешки 15 милијарди фунти, Jaguar Land Rover пласираше вест која во најмала рака збуни многумина. Според новата стратегија компанијата во иднина ќе биде организирана во 4 дивизии, меѓу кои не е Land Rover. Конкретно се работи за нов пристап наречен House of Brends креиран да го засили уникатниот карактер на секој од своите брендови – Range Rover, Defender, Discovery и Jaguar за да се забрза остварувањето на визијата на компанијата да станат горди креатори на најпосакуваните модерни луксузни автомобилски марки во светот за најпребирливите клиенти. Според одговорните во компанијата ова е клучно за стратегијата за иднината и природна еволуција со цел да се подигне и да се засили уникатноста на нејзините карактерни британски марки.
Иако изгледа недокажано, сето ова од страна на добрите познавачи на движењата и размислувањата во автомобилската индустрија беше протолкувано дека во иднината на компанијата која сега самата себеси се нарекува JLR ќе нема место за Land Rover. Од страна на одговорните засега нема официјален одговор дали се во право или не.


