Кои сé возила ќе се оданочуваат?
И стари и нови, и бензин и дизел, но и хибридни, пикапи и мотоцикли – што сé ќе се оданочува со новиот данок на возилата кој ги заменува досегашните акцизи?
Објавено на 9 декември 2019 година
Веќе пишувавме дека со новиот закон за данок на возилата при нивната продажба односно увоз, дел од давачките ќе се плаќаат и според тоа колку се еколошки, односно колку јагленород диоксид испуштаат во издувните гасови, за разлика од акцизите кои се пресметуваа единствено врз основа на цената. Тој дел и сега ќе остане, но ако досега акцизите изнесуваа ист процент за сите возила со иста вредност, законот што треба да биде донесен предвидува нивно разграничување според типот, горивото и тоа дали се стари или нови. Во предлог законот за данок на моторни возила е предвидено тој да се плаќа за следниве категории возила:
- патнички автомобили и останати моторни возила конструирани првенствено за превоз на лица, вклучувајќи моторни возила за комбиниран превоз на лица и стоки од типот караван, комби и слично, спортски автомобили прилагодени за употреба на патиштата, освен амбулантни возила, доставни „ван“ возила и погребни возила
- патнички возила кои се движат на хибриден електричен погон (комбинација на мотор со внатрешно согорување и со електричен мотор како погонски мотор) и тоа со можност да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична струја „плуг-ин“ и без можност да бидат полнети
- мотоцикли (вклучително и мопеди), скутери и слични возила со или без странична приколка
- „pick-up“ возила со двојна кабина
- трицикли и четирицикли со зафатнина на моторот поголема од 50 cm³
Во овој момент висината на давачките не е позната – нив владата треба да ги одреди со уредба после донесувањето на законот.