Фалфисикат Ламборџини или Ферари за 4.500 евра!
Постојат два вида копии – фалсификати и фалфисикати
Објавено на 17 јули 2019 година
Ништо напишано не е случајно – дури ниту насловот. Во светот што го вртат парите бројни фаци гледаат можност за заработувачка произведувајќи копии – од облека и часовници до Ламборџини и Ферари. Познавав еден човек кој на таа тема ќе кажеше дека постојат два вида копии – фалсификати и фалфисикати. Со тоа сакаше да каже дека првиот збор ги опишува оние верно и прецизно направени копии на производи на познати брендови кои никој не може да ги разликува, а вториот, кој не е случајно со печатна грешка, ги опишува сите оние смешни па дури и бедни обиди за копирање на нешто скапо кои од авион се препознаваат дека се копии. Но вистината е дека сепак и такви нешта поминуваат кај купувачите, кои иако доста свесни дека купуваат фалфисикат не можат да се изборат со нагоните за самодокажување. Примери има дури и премногу, но ако за облеката и ситните нешта што го прават човекот среќен е тешко да се забележи дека се копии, кај автомобилите тоа никако не може да биде случај.
Сепак погледнете го овој автомобил кој ја прикажува вистината погледната од друг агол. Да се има суперавтомобил е нешто посебно, секогаш вредно и возбудливо, па макар тоа било и лажно. Но копија од суперавтомобил, искрено не ни е јасно… А овој „Ламборџини Венено“ од Тајланд е токму тоа. Базиран е на прастарата Тојота МР2, заради што неговата трансформација чини едвај 4.500 евра. Забележливо е дека неговите креатори вложиле доста напори во деталите, но сепак… Бројки за продажбата нормално нема, но затоа се слуша дека ако не ви се допаѓа, кај истите фаци можете да нарачате и „Ферари“. И во двата случаи мора сами да си го обезбедите возилото кое ќе биде трансформирано во она што го посакувате.