тест Toyota RAV4 Hybrid » Достојна замена за дизел

Достојна замена за дизел

Новата генерација на Toyota RAV4 доаѓа без дизел мотори, но со усовршен хибриден погонски склоп

Објавено на 30 ноември 2019 година
автор: Зоран Коцев

Макотрпната работа на Toyota се исплатеше – хибридите конечно ја добија својата сатисфакција и во голема мерка се етаблираат во нашето сообраќајно општество. Цели 22 години чекаа да дојде нивниот момент и дочекаа – тие сега масовно ги заменуваат дизелите, кои се покажаа недоволно подготвени чесно да се справат со строгите еколошки норми. За тој пресврт да се случи требаше да дојде до револуционерно менување на сфаќањата на возачите, за што, веќе споменавме, Toyota го подготвуваше теренот повеќе од две децении. Затоа и сега таа е производител на возила со најшироката хибридна понуда која опфаќа скоро сé – единствено најмалите и најголемите нејзини модели сé уште не се хибридизирале.

Изгледот на новиот RAV4 ги истакнува неговите теренски перформанси

Во неа, секако, е вклучен и популарниот RAV4, и тоа од минатата генерација. Овој модел и тогаш ги покажа своите пазарни потенцијали, кои со доаѓањето на новата генерација експоненцијално пораснаа. Примарна улога во тоа имаа добро познатите квалитети на веќе докажаниот модел, кој со новиот изглед покажа малку повеќе од својот карактер. Изменети се основните пропорции на дизајнот кој сега е похрабар, со што RAV4 изгледа поголем и построг. Интересно е дека тоа е постигнато со за два палци пократката должина и за половина од тоа продолженото меѓуоскино растојание. За новата физиономија придонесоа и неколку стилски трикови, како што се повертикално извлечената предна маска и поострите рабови на силуетата.

Внатрешноста не ја следеше авангардноста на екстериерот и тука не се забележуваат некои поголеми чекори кои ќе ја оттргнат од класичниот стил. Тоа за купувачите верни на марката е позитивно, но останатите ќе се пожалат за благ недостаток на малку провокација. Некои како јас лично и на ергономијата, бидејќи моите долги раце не се согласуваа со поставеноста на копчињата за командување со електричните стакла на вратите и фиксниот и тесен централен наслон за раце. Сепак генерално кажано, престојот во кабината на RAV4 е повеќе од угоден благодарејќи на квалитетните материјали и нејзината практичност. Иако по правило ретко седнувам на задната клупа, успеав да забележам дека заради новата архитектура складноста на расположливиот простор во сите димензии е подобра.

RAV4 има компактни димензии но само однадвор, бидејќи веќе од одамна располага со солиден простор во внатрешноста

Прегледноста од возачката позиција не ја нарушуваат сега повисоките крила и визуелно поширокиот поклопец на моторот, кој сепак малку пречи при паркирање на нашите паркинзи. За да не дојде до проблем притоа се грижи повеќе од богатата опрема, која уште од старт нуди угодно чувство на раскош. Неа ќе ја прескокнеме оти кога Toyota е во прашање тоа се подразбира и ќе преминеме на хибридниот погон. Посилниот 2,5-литарски бензински мотор веќе сам по себе заради неколкуте напредни технологии е заслужен за ефикасноста која ја покажува RAV4 Hybrid. Заедно со електромоторот (односно електромоторите во верзијата со погон на сите тркала) тој ќе делува софистицирано да не е една типична болка која генерално се среќава кај хибридните возила, посебно оние од Далечниот Исток. Имено, заради нееднаквата распределена на вртежниот момент меѓу бензинскиот и електромоторот, но и заради просторните ограничувања кај возилата со попречно поставен мотор, скоро сите хибриди кои доаѓаат од таму се опремуваат со безстепена вариоматска трансмисија со континуиран пренос. За Јапонците и Американците таа е нешто сосема нормално, но ние Европјаните сме навикнати на нешто друго, заради што, воопштено гледано, ни пречи хроничната разлика меѓу потребниот стил за возење дизел и хибрид, со која поголем дел од нашите возачи не се запознаени и претходно подготвени на неа.

Безстепената континуирана трансмисија бара прилагодување на стилот на возење

Имено, технички поткованите, но и они кои практично имаат пробано некој хибрид досега, знаат дека смртен непријател на ваквиот тип трансмисија е динамичното возење, поточно наглите забрзувања. Заради своите конструктивни решенија, при силно притискање на педалата за гас оваа трансмисија нагло го намалува дијаметарот на своите ременици што предизвикува моторот да се врти со нагласено висок број вртежи, што пак резултира со бучава која не е пријатна за слушање. Решението е едноставно – треба смирено да се забрзува, со ќе бидете наградени со далеку попријатно возење. На крај патната брзина секако ќе биде иста, но чувството во возењето е сосема различно. Значи, заборавете на дизелот и неговиот експлозивен вртежен момент – сé што треба возачот на еден хибриден автомобил е да ги контролира своите нагони за нагло притискање на педалата за гас.

Инаку, самото возење со RAV 4 Hybrid е повеќе од едноставно. Пали-вози што би се рекло, со таа разлика што при тргнување нема ништо да се запали – за тоа е задолжен електромоторот кој е безшумен. Со него, без вклучување на бензинскиот мотор, може да се помине само кратко растојание со скромна брзина, но затоа интеграцијата во целиот хибриден склоп е беспрекорна и возачот воопшто не треба да се заморува со тоа во кој момент кој мотор работи. Како што кажавме, едноставно пали и вози. А возењето на крај, какво и да е и каде и да е, ќе резултира со интересни бројки. Она што нашиот тест го покажа е дека на отворен пат потрошувачката на RAV4 Hybrid е дури и пониска од дизелашите – борд-компјутерот застана на бројката 6,0 литри на 100 километри. Иако усовршениот хибриден склоп на новиот бензинец и електромотор најмногу од својата ефикасност покажува во градско возење каде до израз доаѓаат и компактните димензии на овој SUV, во однос на потрошувачката некоја голема разлика меѓу отворен пат и градско возење нема. Но затоа ако споредувате со она што ќе го потроши класичен бензинец или дизел, и тоа како има. Тука мора да споменеме дека експертите на Toyota малку претерале со калибрирањето на системот за поголема ефикасност, бидејќи возењето на нагорници, посебно на автопат, никому нема да му се бендиса.

Toyota RAV4 Hybrid ги има сите квалитети да ги замени дизелите дури и на подрачјата како нашето

Што се однесува до силата, неа ја има доволно – вкупно 222-те коњски сили во верзијата со погон на сите тркала каква што возевме, успеваат толку силно да повлечат што се добива впечаток дека предниот дел се подигнува, а воланот олеснува. Ова сепак е помалку изразено во однос на претходната генерација заради пошироките траги на тркалата. Заслуга има и изменетото ослонување назад кое е поцврсто. Помалата тежина на батеријата сместена зад задните седишта, пак, влијае за пониското тежиште и поповолната распределба на тежината по оски, од кои задната во верзијата со погон на сите тркала си има сопствен електромотор.

Toyota RAV4 е еден од автомобилите кој се препознава во било кое ќоше во светот – за 25 години е продаден во преку 8 милиони примероци. Колку од нив се хибридни не знаеме, но знаеме дека во иднина тие ќе учествуваат со голем дел во глобалната продажба. Според некои анализи системот за регенерација на силата на кочење враќа околу 17% од енергијата, со што и потрошувачката е пропорционално на тоа помала. Тоа директно значи дека за толку хибридниот RAV4 ќе биде поекономичен, но и поеколошки од бензинецот. Тука доаѓаме до цената, која кај нас во однос на бензинскиот RAV4 е повисока за 14% во изведбата со погон само на предните, односно за исти 17% во верзијата со погон на сите тркала, без да ја споредуваме евентуалната разлика во опременоста. Притоа, тој место со 175 располага со 218, односно 222 коњски сили и место мануелен има безстепен автоматски менувач. Почистиот воздух ни доаѓа гратис.

основни податоци Toyota RAV4 Hybrid
мотор: 4 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, 2.487 cm³, 222 KS при 6.000 min⁻¹, 221 Nm при 3.600-5.200 min⁻¹
трансмисија: безстепен континуиран менувач, погон на предните или сите тркала, пневматици со димензии 225/65 R17
каросерија: кросовер со 5 врати, 5 седишта, 4.600×1.855×1.685 mm, меѓуоскино растојание 2.690 mm, тежина 1.650 kg, максимална тежина: 2.225 kg, багажник: 580/1.690 dm³, резервоар 55 литри
перформанси: максимална брзина 180 km/h, забрзување 0-100 km/h за 8,1 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 4,7/4,4/4,5 l/100 km, емисија на CO₂ 102 g/km
цена: 30.990 евра со Dynamic опременост (Exclusive +4.000 евра), +2.500 евра за погон на сите тракала

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER