Тест Peugeot 2008 1.2 PureTech 130 » Тајната формула за успех

Top News Тест

Тајната формула за успех

Со новата генерација на 2008, Peugeot покажа дека има тајна формула за успех

Објавено на 20 април 2020 година
автор: Зоран Коцев

Кога во 2013 година се појави првата генерација на 2008, беше млако дочекана од страна на стручната јавност. Во неа не беше многу убедено ниту раководството на Peugeot, па затоа таа со климави чекори влезе директно среде арената во класата субкомпактни кросовери. Но купувачите ги демантираа нивните мислења и овој модел каде и да се појавеше, веднаш ги освојуваше. До толку што уште на самиот почеток на нејзиното производство плановите за продукција мораа сериозно да бидат корегирани. Со обновувањето три години подоцна, 2008 веќе настапи самоуверено. Не требаше да се докажува туку продолжи по патеката што претходникот му ја трасираше. Неа со леснотија ја совладуваше и до 2019-тата стигна до милион и двесте илјади примероци произведени во пет фабрики на Peugeot и неговите партнери ширум светот.

Дизајнот на 2008 му овозможува пазарен настап од кој треба да се плаши и поголемиот 3008

Тогаш некаде дојде време за претставување на втората генерација. Се подготвуваше затскриена зад медиумскиот интерес за 208, така што кога се појави не предизвика големи бранувања. Сличноста беше очигледна и сите ја доживеаја како нешто повисока негова верзија. И повторно згрешија – испадна дека 2008 сега е во своето вистинско пакување, во кое можеби требаше да биде уште од самиот почеток. Така, само по себе се постави прашањето дали сето ова беше дел од тајната формула за успех, или пак Peugeot брзо учеше и уште побрзо реагираше. Вистината која е некаде помеѓу, новиот 2008 не ја крие – при неговото конструирање француските инженери и дизајнери прво ги дадоа одговорите, а потоа ги напишаа прашањата. Затоа и сега на купувачите не им остана многу што да прашуваат.

Под големиот централен екран чувствителен на допир за среќа и за секоја пофалба сé уште се наоѓаат копчиња за најчестите функции на возилото

Некои работи сепак мора да бидат кажани и без прашање. Меѓу нив не е дизајнот, за кој не постои личност што ќе му најде мана, барем не на надворешноста. Сепак ќе има такви кои ќе сметаат дека некој детаљ би можел да биде подобро решен, посебно внатре. А таму веднаш се забележуваат две работи. Првата е управувачот на кој никако не можеме докрај да се навикнеме. Мал и засечен од горе и од долу, тој е ниско спуштен за да погледот кон иновативната 3-Д инструмент табла оди преку него. Можеби е до нас, но би било добро Peugeot да размисли да го понуди 2008 и со нешто поконзервативна изведба на внатрешноста, колку да има за секого по нешто. Патем ја спомнавме и втората работа, препознатливиот i-Cockpit. Опременоста е сосема солидна уште од основното ниво, додека во повисоките пакети се среќаваат и некои за оваа класа ретки и невообичаени нешта. Лепезата технолошки решенија е импресивна и на радост на купувачите, не задира предлабоко во цената. А неа кај нас во Македонија Еуроимпекс, генералниот застапник на марката за поширокиот регион, ја има поставено на стартни 18.150 евра за верзијата со 100 бензински коњски сили.


Peugeot 2008 е во понуда со три бензинци и два дизела, со мануелен и автоматски менувач и четири пакети опрема, а наскоро и со електропогон

Ние ја возевме посилната 130-коњска верзија на истиот 1,2 литарски мотор, кој доаѓа и во издание со 155 коњски сили. Љубителите на дизелот на располагање имаат верзии од 100 и 130 коњи, а во блиска иднина 2008 ќе биде понуден и со електропогон со 136 коњски сили и автономија од 310 километри. Тоа го овозможува потполно новата модуларна платформа, истата онаа од 208 но со поголемо меѓуоскино растојание. Тоа заедно со повисоката каросерија го обезбедува 2008 со значителна пространост, што би се забележало уште при влегувањето да не е споменатиот ниско поставен управувач. Тој овозможува лесно маневрирање и прецизно управување, но спречува да се чувствувате удобно како што би сакале. Кога ќе се седне зад него вниманието го окупира опкружувањето на возачот, кое дава пријатно чувство на задоволство уште пред да се притисне старт-стоп копчето. А тогаш на сцена стапува живиот трицилиндричен мотор кој во тест-возилото беше впарен со мануелен менувач со одлично пресметани преносни односи. До толку што на неколку пати се фативме (за среќа сами себе, а не од страна на полициските радари) како по палењето на зеленото светло на семафор ја тргаме ногата од педалата за гас дури при 90 km/h. Ова мало машинче лесно се врти и уште полесно забрзува, притоа не оддавајќи со својот звук до каде стигнало, затоа внимавајте.

За разлика од првата генерација, новиот 2008 е вистински претставник на сегментот субкомпактни SUV модели и значително придонесува за успехот на гамата на Peugeot. Тој се темели на повеќе основи – дизајнот, практичноста, иновативноста, па дури и статусот што им го овозможува на неговите сопственици. Благодарејќи на моќниот и препознатлив стил и посебниот карактер што тој му го дава, со него Французите дефинитивно испишуваат нова страница во кратката историја на вакви возила со лавчето на носот. Лесно се забележува тенденцијата да биде лидер во класата, посебно на технолошко поле. За тоа треба да придонесе и идната негова електрична верзија. Што уште друго да кажеме за 2008, ќе биде вишок – како што рековме, прво беа дадени одговорите, а потоа напишани прашањата.

основни податоци Peugeot 2008 1.2 PureTech 130
мотор: 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, индиректно вбризгување на горивото, турбо компресор, 1.199 cm³, 130 KS при 5.500 min-1, 230 Nm при 1.750 min-1
трансмисија: мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 215/65 R16H
каросерија: кросовер со 5 врати, 5 седишта, 4.300×1.770×1.530 mm, меѓуоскино растојание 2.605 mm, тежина 1.192 kg, максимална тежина: 1.715 kg, багажник: 434/1.467 dm³, резервоар 44 литри
перформанси: максимална брзина 198 km/h, забрзување 0-100 km/h за 8,9 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 5,5/6,7/5,0 l/100 km, емисија на CO₂ 102 g/km
цена: 20.020 евра со Active опременост (Allure +1.270 евра, GT-Line + 3.840 евра, GT +6.710 евра): +2.380-2.510 евра за автоматски менувач
клучни зборови: ,