Секој трет нов автомобил е со бела боја
Објавено на 27 јули 2019 година
Бојата не ги претставува само емоциите – таа е неизоставен дел од процесот на купување нов автомобил и неретко одлучувачки фактор при исполнувањето на желбите на идните сопственици. И трендовите секако имаат влијание па така веќе со година сребрената боја не е во мода – монополот во продажбата на нови автомобили во светски рамки сега го држи белата боја која е апсолутен првак со освоени неверојатни 38% од купувачите. Далеку зад неа на второто место е црната со учество од 18%, а зад неа се сребрената и сивата со рамноправни 12%. На ниво на Европа распоредот на силите не е така изразен но сепак и тука белата е најпопуларна боја со учество од 25%. Следи сивата со 22%, а трета е црната за која се одлучуваат 21% купувачи. Останатите бои главно поминуваат слабо, за разлика од некои други земји. Така Индијците масовно се одлучуваат за сребрени автомобили (37%), а 3% од нив ја бираат и жолто-златната боја. Во Јапонија каде се доживува како еколошка боја сината бележи пораст и има учество од 9%. Американците и Русите, пак, сé повеќе се одлучуваат за кафеавите и кремавите нијанси. Тренд на пораст забележуваат сивата и црната боја, додека зелени автомобили се продаваат помалку од 1%.