Renault се враќа на исконските нешта
Во Женева претставен електричниот наследник на култниог Renault 5
Колку и да е сиромашен салонот во Женева сепак не остана без премиери – најмоќната доаѓа од Франција. Со модерен изглед во ретро манири и цена од 25.000 евра, Renault ќе цели високо кон ѕвездите на европското автомобилско небо, исто како и некогаш но сега на струја. Повратникот во субкомпактната класа ја има позната ознака Renault 5 на која некогаш пред да замине во легендите, купувачите ѝ се поклонуваа. И сега ќе го прават тоа, затоа што малиот Французин плени со сиот свој шарм. Дизајнот веќе му го знаеме – за пофалба е што скоро во целост е задржан од концептниот модел покажан пред три години. Атрактивен со секој свој детаљ, тој верно го отсликува духот на претходникот.
Должината од 3,9 метри го сместува малку под Clio, но електричната архитектура со рамен под му подарува сосема пристоен внатрешен простор. За неговата сестраност и искористливост допрва ќе дознаваме бидејќи сега во фокусот е електричниот погон сместен напред. Модерниот Renault 5 располага со три нивоа на моќност – со 95, 122 и 150 коњски сили. Послабите верзии ќе имаат пакет батерии од 40 а топ моделот од 52 киловат-часа, доволни за поминување 300 односно 400 километри. Вградениот полнач во возилото е двонасочен, а со подржаната моќност на полнење со еднонасочна струја од 100 киловати батериите ќе се освежат до 80 отсто за половина час. Перформансите на возилото се очекувани – максималната брзина електронски е ограничена на 150 километри на час, додека најсилната верзија до сто забрзува за помалку од 8 секунди.
Дефинитивно Renault има направено зрел електричен автомобил кој маѓепсува, не само со изгледот. Ќе се произведува во Франција, а на улиците ќе се појави есенва.