Релито Дакар се сели на трет континент?
Ако им веруваме на гласините што неодамна се појавија, релито Дакар од наредната година ќе се пресели на трет континент
Објавено на 10 април 2019 година
Според достапните информации, домаќин на прочуената трка рели би можела да биде Саудијска Арабија. Соочени со нестабилноста на регионите во кои досега возеа, француските организатори сакаат со оваа земја да потпишат договор во траење од 5 години. Тоа значи дека релито Дакар после 11 години поминати во Јужна Америка и претходно 29 во Африка, во иднина ќе се вози на азиско тло. Воедно после годинешново во Перу, ќе биде и второ во историјата кое ќе се одржи во само една земја. Сепак за ова засега сé уште никој официјално се нема произнесено.
Освен економската нестабилност на јужноамериканските држави, во прилог на преселбата оди и фактот дека популарноста на ова рели значително опадна. Се размислуваше за враќање во Африка која беше напуштена заради безбедносни причини, но се чини дека парите што ги имаат Саудијците може да бидат пресуден фактор. Оваа арапска земја сака да ги отвори своите граници за авто-мото спортовите и моментално е домаќин на една рунда од електричната формула Е и на блискоисточниот рели шампионат. Според плановите, трасата на Дакар во иднина би требало да се прошири и на околните земји – Оман, Јордан и Египет.