Сите знаеме дека преминувањето на нови технологии е бавно и скапо, но исто така, генерира големи загуби
јавноста беше изненадена кога лани Ford објави дека губи по 58 илјади долари на секое продадено електрично возило. Дека не се работи за изолиран случај и дека сите производители на електрични возила се соочуваат со овој проблем чие надминување бара долгогодишно трпение покажуваат и најновите информации кои стигнуваат од Rivian и Nio.
Имено, од американската компанија која во остварување на своите амбициозни цели е во потрага по нови инвеститори се потврди дека стартувањето со производство на електрични автомобили не е така лесно како што сфаќаат повеќето од старт-ап бизнисите. Конкретно, заради низата логистички и финансиски проблеми фирмата која произведува засега мал број скапи електрични возила губи по 33 илјади долари на секое.
Желбите на компанијата се главно преку поголемата продажба да ги намали трошоците за дури 40 илјади долари по возило, но сепак дали и колку ќе успеат на тоа е оставено на милост и немилост на иднината. Впрочем и Tesla својот прв профит го забележи дури ви 2020-тата, цели 14 години по основањето.
Едно од решенијата за излез од оваа навидум безизлезна ситуација кое аналитичарите го пласираа е зголемувањето на просечната продажна цена на нивните возила од сегашните 80 на 96 илјади долари што нималку не делува оптимистички.
Сличен пример доаѓа и од Кина, каде реномираната компанија Nio на секој произведен автомобил губи по 30 до 35 илјади долари, во зависност од проценките. Кај нив ситуацијата е суштински различна бидејќи фирмата вработува околу 11 илјади луѓе, од кои добар дел се ангажирани за истражување и развој. Малата продажба која во извесна иднина ќе се зголемува секако ќе го премости сегашниот јаз меѓу трошоците и приходите бидејќи компанијата има вложено во технологии кои им овозможуваат производство на дури 300.000 електро возила годишно.
Но дотогаш државата е таа на која ќе мора да се потпрат, која досега не само во нејзиниот случај туку и со други компании кои се најдоа во слична ситуација се покажа како дарежлива, додуша во замена за процент од сопственоста. Како и да е, едно е јасно – електричните автомобили во моментов но и во годините што претстојат ќе генерираат загуби кои некој мора да ги покрие – дали тоа ќе бидат новите инвеститори, државата или купувачите не е ни битно. Битно е дека нивната цена ќе расте на подолг период.