Чувајте ги пневматиците на ладно, суво и темно место
Битно е местото на кое ќе ги чувате летните пневматици – според мислењето на стручњаците, најважен фактор е одговарачката температура
Објавено на 16 ноември 2018 година
Дали летните пневматици треба да се чуваат во гаража, подрум, на балкон или на отворено покрај куќата? Според мислењето на Мартин Дражик, производствениот менаџер на компанијата Nokian Tyres Central Europe, температурата на складирање претставува најважен фактор. Сепак, на продолжување на работниот век на пневматиците влијае и заштитата од влага, хемикалии и УВ зрачење. Во поглед на тоа, наједноставен избор претставува услужното чување на пневматиците. – Се случувало луѓето пневматиците да ги складираат покрај централно греење. Тоа е претопло, а топлотата негативно влијае на гумената смеса. Пневматикот почнува да се суши, стврднува и пука, може дури и да се запали, објаснува Дражик. – Идеална локација за чување на пневматиците е ладно место, под 15 °C, на кои тие остануваат суви. Се препорачуваат темни места заштитени од сончеви зраци, бидејќи УВ зрачењето ја намалува издржливоста на пневматиците, додава Дражик.
Услужното чување на пневматиците го решава проблемот
Сé почест пристап е услужното чување на пневматиците, со што просторот каде тие би биле сместени се ослободува за други намени. Услужното чување на пневматиците може да биде едноставно решение во случаи кога, на пример, станбената заедница не дозволува такви нешта. Плус на тоа, кај услужното чување пневматиците ги прегледуваат, чистат и монтираат професионалци. – Складирањето на пневматиците во одговарачки услови го продолжува нивниот работен век, нагласува Дражик. Со внимателно одржување, висококвалитетните пневматици ќе траат до шест години. Ако вашите пневматици се произведени пред повеќе од десет години, не треба да ги користите. Датумот на производство во вид на четирицифрен број може да се најде на пневматикот: првите две цифри ја означуваат неделата на производство, а вторите две годината. Неодговарачкото место за складирање може да предизвика непоправливо оштетување на пневматиците за само една сезона.
И други работи можат да ги оштетат пневматиците
Препораките за складирање на зимските и летните пневматици се слични. Пред тоа потребно е внимателно да се измијат. Отстранете ги најкрупните камчиња од браздите и проверете дали на газечката површина или бочните ѕидови постојат пукнатини или абнормални испакнувања. – При миењето на пневматиците водениот млаз треба да се држи подалеку од нив бидејќи може да ја одвои гумата од мрежата што се наоѓа под неа. Тоа може да доведе до пукање на пневматиците при следното користење, вели Мартин Дражик. Погрижете се пневматиците пред складирањето да бидат потполно суви. Тие не треба да доаѓаат во допир со масла, растворувачи или други хемикалии. Ако е потребно, можете да купите и заштитни футроли за нив. Пневматиците не треба да бидат под големо оптоварување и тензија. Со други зборови, не треба да ставате други работи врз нив. – При складирање на пневматиците еден на друг треба благо да се зголеми притисокот, бидејќи долниот пневматик ќе биде поприлично оптоварен, вели Дражик.
Чување на пневматиците во кратки црти:
- Проверете ја староста на пневматиците и заменете ги со нови најмалку на секои 6-10 години
- Проверете ја состојбата на газечката површина и отстранете ги сите покрупни камчиња од браздите
- Измијте ги пневматиците и оставете ги потполно да се исушат пред складирањето
- Чувајте ги само на ладно и суво место
- Заштитете ги од сончева светлина и хемикалии
- За уште поголема безгрижност, целата работа можете да ја препуштите на стручњаците што нудат услужно чување на пневматиците