Присилна стагнација на европскиот пазар
Новите автомобили во текот на 2018 година во Европа се бараа, но производителите не можеа да ги испорачаат
Објавено на 18 јануари 2019 година
Автор: Валентин Станеску
Европската асоцијација на производителите на автомобили ACEA ги објави податоците за продажбата на нови возила во Европа, според кои лани пазарот забележа намалување за незначителни 0,04 отсто. Причината за ваквите трендови без размислување се префрлува на новите прописи за тестирање на возилата, кои во последните четири месеци драстично влијаеја на достапноста на автомобилите на пазарот. Заради нив во месеците од октомври до декември продажбата беше намалена за 7 до 8 отсто, а во септември за скоро една четвртина во споредба со истите периоди лани. Затоа пак продажбата во август пред да стапат на сила новите правила порасна за драстични 31 отсто.
Кога сé ќе се сумира, се добива бројка од продадени 15,6 милиони нови возила во Европа во 2018 година. Најмногу од нив се од групата Volkswagen – вкупно 3,7 милиони. Најголем процент на пораст на продажбата има забележано PSA заради вметнувањето на Opel во својата статистика. По земји од големите пазари најдобар резултат оствари Шпанија со +7 отсто, а најслаб Велика Британија со исто толку во минус. Од другите земји најзначаен пораст забележаа Литванија и Романија, додека најдебелиот минус го имаше Исланд. Треба да се напомене дека податоците на ACEA опфаќаат само 30 земји од Европа. Во нивната статистика ги нема Русија, останатите европски држави произлезени од поранешниот Советски Сојуз и дел од балканските земји, меѓу кои и Македонија.