Освежен и поставен на новата платформа MQB evo, Tiguan ќе продолжи да растура во сегментот
Ако зборуваме за успешни прикаски, VW Tiguan треба да се класифицира меѓу врвните. Од неговото претставување во 2007 година продадени се 7,6 милиони примероци, а само во последните две години забележани се еден милион нови регистрации.
Воедно пет години во континуитет тоа е најпродаваниот модел во целата групација Volkswagen. За да продолжи на тој курс доби задолжителни естетски дотерувања и двојно зголемување на електричната автономија за изведбите со приклучен хибрид. Каросеријата сега е позаоблена, поставена е на најновата платформа и направени се радикални измени во внатрешноста. Со новите линии каросеријата делува потопло и помускулест став што го доближува до поголемиот Touareg.
Сепак, по големина не се приближува до својот голем брат. Новиот Tiguan се префрла на модерната MQB Evo платформа на VW, како што се користи од Golf, Passat и Audi A3, но меѓуоскиното растојание од 2.681 мм е задржано. Сепак добиени се дополнителни 10 мм простор за нозете, а во багажникот сега има капацитет од 648 литри што е зголемување за 33 литри. Надворешноста ја дефинираат светлосните ленти на предницата и задниот дел, а во зависност од изведбата маската на ладилникот се разликува.
За спортската R-Line долниот дел од предницата доби мрежа со дијамантска форма, уште полут изглед и црни површини. Внатрешноста имаше голема ревизија. Сега инструментите се по теркот на новиот Passat и на неговиот електричен братучед ID.7, а како и тие автомобили, Tiguan исто така добива физички, наместо чувствителни на допир, копчиња на воланот, лизгачи за температура со позадинско осветлување и манипулаторот на менувачот е десно од воланот и ослободува простор во конзолата за телефони, паричници и нов ротационен контролер.
Ако големата вест за интериерот е новиот екран на допир, главниот чин под хаубата е достапниот PHEV хардвер кој може да испорача солидни 100 км електрична автономија благодарение на батеријата која е речиси двојно зголемена. Сега таа има 19,7 kWh. За среќа, брзината на полнење исто така порасна, најмногу на еднонасочна струја. Не се сензација максималните 50 kW, но тие се доволни за полнење од 10-80 проценти за 25 минути.
Верзијата со приклучен хибрид ја пренесува силата преку осум степен DSG менувач на предните тркла. Останатите мотори со согорување се засилени со благи хибриди. Дволитрениот дизел е вклучен во понудата, како и два бензински 1,5 eTSi кои се карактеризираат со турбо со променлива геометрија, деактивирање на цилиндрите и добиваат 15 kW од 48 волтната помош, давајќи вкупни моќности од 130 и 150 коњи.
Во меѓувреме, купувачите решени да ги опремат своите миленици со погон на сите тркала ги добиваат испробаните и проверени 2,0-литарски бензински мотори со две моќности, со 201 и 272 КС. Хардверот на системот 4Motion е изменет за да се намалат вибрациите. Исто така изведбите со погон на предните и на задните тркала имааат опционални адаптивни амортизери DCC Pro веќе видени во Passat. Tiguan започнува да се произведува кон крајот на годинава, а првите испораки на пазарот треба да започнат во првиот квартал на 2024.