Сакате патувања и авантури? ID.Buzz GTX ги има сите атрибути што ги обожуваат модерните номади.
Два мотори, погон на сите тркала, 335 коњи и зголемен капацитет за влечење. Во основа ова се фактите со кои новиот член на мускулестото електрично семејство на VW ќе ве маѓепса. Претставувањето на третиот припадник со ознаката GTX на најдобар начин го покажува курсот најавен од Волфсбург кој се случува со секавична брзина.
Пред две недели VW најави дека годинава ќе претстави 30 нови или надградени модели, а само во последните седум дена лансира три примероци од својата најсилна електрична серија. Кај ID.Buzz GTX применет е истиот концепт. Него го движи мотор од 282 КС поставен на задната оска и уште еден мотор од 108 КС во носот што ја испраќа својата моќ до предните тркала формирајќи комбинирана моќност од 335 КС.
Погонски склоп користи или батерија од 79 kWh ако сте се одлучиле за стандардно меѓуоскино растојание или пакување од 86 kWh ако сте го избрале комбето со долго меѓуоскино растојание со три реда седишта. VW напоменува дека кратката верзија ќе се полни со брзина од 185 kW, а долгата со 200 kW, што значи дека и двете може да се надополнат од 20 до 80 проценти за помалку од 30 минути.
Интересно е што забрзувањето од мирување до 100 км/ч за двете изведби е 6,5 секунди, што изгледа чудно со оглед на тоа што верзијата со долго меѓуоскино растојание има поголема батерија и сигурно тежи повеќе. Перформаснсите не се единствената придобивка што ја обезбедува новиот погон на сите тркала и двата мотори. Зголемен е капацитетот за влечење на приколки кој сега изнесува до тежина од 1.800 кг.
Козметичките зафати на надворешноста го приближија големото комбе до претходно претставените членови на семејството GTX. На масивната предница додаден е нов долен дел на браникот со истата чудна насмевка со тенки усни и буцкасти образи што се гледа на спортскиот ID.3. Долниот дел е со дијамантска мрежа во сјајно црна боја, како и ретровизорите.
Внатрешноста, како и надворешноста, е вежба за воздржаност на зададената тема. GTX е единствениот Buzz кој доби црн интериер и употреба на црна пластика за разлика од светлите пастелни бои кај „цивилните“ изведби. Сите се опремени со најновиот инфозабавен систем на VW на ChatGPT и 12,9 инчен екран на допир, плус можност да се нарача огромен панорамски покрив со паметно стакло што би требало добро да го осветлува темниот ентериер.
Купувачите ќе можат да го добијаат ID.Buzz GTX ова лето, а цените ќе бидат познати кога нарачките ќе бидат отворени.