Модерна и верна на традицијата
BMW ја опишува осмата генерација на „петката“ како поелегантна од серијата 3, подинамична и поспортска од серијата 7
Новата Серија 5 ја реинтерпретира спортската елеганција на BMW со актуелниот дизајнерски јазик на марката. Нагласениот карактер на најпопуларната деловна лимузина, изборот на погони, динамички својства и богатата сериска опременост ќе бидат адути што на купувачите повторно ќе им заиграат пеперутките во стомакот.

Како што обично бива, секоја нова генерација станува поголема од претходната. Класично формираната лимузинска каросерија е поставена на зголемено меѓуоскино растојание кое сега достигна 2.995 мм.

Тоа овозможи проширување во сите смерови, па така каросеријата за шест сантиметри ја надмина должината од пет метри. Воедно ширината достигна 1,9 метри, а височината е 1.515 мм, овозможувајќи подобрен комфор особено во задниот дел.

Изгледот го карактеризира широката двојна бубрежна решетка која е малку спуштена во средината, издолжен страничен дел и изразени светлосни групи. Тоа формира особено елегантен впечаток, додека популарниот спортски пакет се одликува со црни акценти и остро исцртани дизајнерски елементи.

На самиот почеток ќе бидат достапни верзиите со мотори на внатрешно согорување и електричната верзија i5. Разликите меѓу варијантите се јасни и во пространата внатрешност. Ова е најочигледно кај воланот.

Футуристичкиот управувач со два крака од iX е стандарден кај i5, додека за останатите изведби е присутен конвенционален со три краци. Во кабината доминира заоблениот екран сочинет два дисплеи, првиот од 12,3 и вториот од 14,9 инчи заедно со најновиот оперативен систем iDrive 8.5 на BMW.

Пуританскиот пристап во интериерот е задржан, па изоставени се џебовите на потпирачите за грб на предните седишта, а задните држачи за чаши не можат да бидат покриени. Комплексните системи за помош на возачот се веќе опфатени иако се нуди само нивото 2 за автономно возење.

Се издвојува моќниот Highway Assistant кој му овозможува на возачот да ги тргне рацете од воланот се додека гледа на патот, а менувањето на лентата може да се автоматизира. Кога треба да се смени лентата на возење се што треба да направите е да погледнете во соодветната насока за автомобилот да го направи маневарот.

Има и head-up дисплеј, како и функција за зголемена реалност, каде приказот е засилен со стрелки. Архитектурата на електрониката е најсовремена што ја располагаат Баварците, па дури e и малку понапреднa од онаа кај Серијата 7.

Серијата 5 важи за најспортски дотерана во својата класа. Затоа обврнато е големо влијание на агилноста. Покрај мултилинк потпирањето додаден е опционален систем за управување со задните тркала што го прави возилото поагилно при мали и постабилно при големи брзини.

Еден од императивите на BMW е возните својства на своите електрични возила да ги изедначи со угледот што го негува кај класичните погони. Изведбите i5, поради тежината, имаат дополнителни засилувања, задни торзиони шипки и активен систем за стабилизација на тркалата. Згора на тоа пневматската амортизација е стандардна.

Во зависност од верзијата, ултра брзиот систем за управување со динамиката на возилото ги контролира амортизерите и стабилизацијата на тркалата. Во зависност од моделската варијанта, новата Серија 5 има погон на задните или на сите тркала, а силата се пренесува, освен кај i5, преку осум степен менувач.

На почетокот на продажбата ќе се појават покрај i5 и верзиите со класични мотори. Нив ќе ги застапуваат четири цилиндерските дво литарски изведби со ознака 520. Бензинецот 520i испорачува 190 КС додека 520d има седум коњи повеќе. Неколку месеци подоцна во понудата ќе влезе 540d со три литасрки шестцилиндричен агрегат.

За жал посилните шест цилиндерски бензинци од три литри со 258 (530i) и 381 КС (540i) не се наменети за Европа. Нивното отсуство ќе го надополнат два приклучни хибриди. 530e е четири цилиндерски со системска моќност од 299 КС и 550e со шест цилиндри и 489 КС.

Понудени се две електрични верзии. i5 eDrive 40 со моќност од 250 kW (340 КС) и i5 M60 со два мотори и 442 kW (601 КС), при што максималните перформанси се постигнуваат во режимот Sport. Првиот, според WLTP, има опсег до 582 километри, додека i5 M60 би требало да достигне 516.

Двете изведби се напојуваат од ист пакет батерии од 84,3 kWh и можат да на брз полнач за триесет минути да се наполнат до 80 проценти. Новиот режим Max Range е наменет да го прошири опсегот во итен случај со цел да стигнете до станицата за полнење.

Тогаш потрошувачите на струја од кои не зависат функциите за возење се исклучуваат и максималната брзина е ограничена на 90 км/ч. Осмата генерација на Серија 5 паралелно ќе настапи на сите европски пазари, вклучително и во Македонија. Тоа ќе се случи во октомври, додека цените за нашиот пазар, ќе бидат познати во тек на летните месеци.