Нов испитен центар за пневматици
Nokian Tyres гради брзинска патека насред шпанските полиња
Објавено на 4 јули 2019 година
Новиот испитен центар на компанијата Nokian Tyres во Шпанија кој ќе овозможи тестирање преку целата година на летни, универзални и зимски пневматици, ќе биде подготвен идната 2020 година. Вкупниот износ на инвестицијата се проценува на 60 милиони евра. На место каде некогаш се протегаа широки шпански полиња, сега се пружа импресивен поглед на различни испитни патеки кои веќе го попримаат својот лик. И покрај силните дождови периодов, работите на изградбата на новиот испитен центар на компанија Nokian Tyres во Шпанија течат по планот. Во прашање е веројатно најимпресивната овална патека со свиоци под нагиб. Со должина од преку 7 километри таа започнува да го добива својот облик додека екипата од Германија специјализирана за изградба на свиоци под нагиб работи на топографијата и горните слоеви на свиоците на оваа патека. Локацијата која се простира на 300 хектари се наоѓа во градот Санта Круз де ла Зарза, на околу час возење од шпанската престолнина Мадрид.
„Испитниот центар во Шпанија е најголема поединечна инвестиција во тестирањата во историјата на оваа компанија. Ќе ги зголеми нашите шанси да направиме производи кои ќе бидат компатибилни со растечкиот пазар ускладени со нашата стратегија. Исто така, таа ќе го поддржи трудот што го вложивме во истражувањата и развојот на сите наши производи”, вели Јуха Пирхонен, потпретседател задолжен за технологија на производство на пневматици. Главниот фокус е на летните и универзалните пневматици и оние од голема брзинска категорија за кои постои изразено голема побарувачка на растечките пазари на Nokian Tyres во Централна Европа и Северна Америка, каде компанијата наскоро ќе отвори нова фабрика. Уште еден фокус на испитниот центар ќе биде на развојот на целогодишните карактеристики на секој производ.
Поголем дел од подготвителните работи на повеќе од 10 испитни патеки во склоп на новиот испитен центар се завршени: горните слоеви на земја се отстранети и машините го отворија градилиштето за новите патеки. Следната фаза подразбира изведување на детални работи на слоевите асфалт, кои на повеќето патеки ќе бидат завршени до 2020 година. Најдалеку напредуваа градежните работи на овалната патека: нагибот на јужниот свиок и земјените работи се веќе завршени. Следи финото профилирање и положувањето на првите слоеви асфалт. Кога ќе биде подготвена, овалната патека ќе овозможи тестирање на пневматици при брзини до 300 km/h. Новиот испитен центар ќе биде трет за Nokian Tyres. Ќе ја дополни веќе постоечката мрежа испитни центри за пневматици која се состои од центарот во Ивало во Финска кој се простира на 700 хектари наменет за тестирање на зимски пневматици и центарот што се наоѓа во близина на финското седиште на компанијата во Нокиа.
Една од областите на развојот на компанијата Nokian Tyres го вклучува растението гвајула, потенцијалната нова суровина за изработка на пневматици. Nokian Tyres учествува во одгледувањето и изучавањето на ова растение во соработка со локалните универзитети и партнери со цел пронаоѓање можен извор на висококвалитетна природна гума. Со плантажата управуваат локалните земјоделци. Исто така, компанија сочува 25 хектари земјиште за заштита на дивината. Во тоа е вклучена и изградба на гнезда за јастреби и бувови и доведување на вода за птиците кои ќе се надгледуваат во тек на следните 3 години. На локацијата ќе бидат насадени дабови и други видови дрвја.