Загадувачите ќе се етикетираат, еколошките возила ќе се субвенционираат
Македонија конечно фаќа чекор со Европа во однос на третманот на возилата и загадувањето од нив
Објавено на 8 ноември 2018 година
Со цел подобро справување со загадувањето, владата на Република Македонија на предлог на министерството за економија ги усвои законските промени со кои се предвидуваат еколошки налепници и субвенции за еколошките возила. Плус на тоа, ќе се субвенционира и конверзијата на возилата како погонско гориво да користат гас, како и замената со нови на старите дотраени возила кои ќе бидат однесени на отпад.
Еколошките налепници на возилата ќе бидат во три бои – црвена, жолта и зелена, во согласност со нормите кои издувните гасови на возилата ги задоволуваат. Со воведувањето на овие налепници ќе се овозможи локалните власти да го ограничуваат движењето на одредени категории возила во периодите со зголемено загадување на воздухот во своите средини. Во однос на субвенциите, посебно внимание предизвикува стимулирањето на набавката на нови еколошки возила – со електричен или хибриден погон. Деталите околу тоа сé уште треба да се подготват, но цел е да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните. Заради истата причина посебна линија субвенции ќе биде предвидена за оние кои своето старо возило ќе го заменат со ново, без оглед на погонското гориво што тоа го користи. Оние пак кои ќе се решат да ги задржат своите возила ќе имаат можност да добијат субвенции за вградување уред на течен нафтен или компримиран природен гас, со кој тоа би ги подобрило своите еколошки перформанси и помалку би ги загадувало воздухот.