Новиот 508 е 20-илјадитиот Peugeot во Македонија!
Запознавајќи се со новиот Peugeot 508, нашата јавност дозна и една друга голема вест
Објавено на 27 септември 2018 година
Претставувањето на новиот Peugeot 508 во Македонија беше прилика која не се пропушта, а можноста не ја пропуштија ниту од Еуроимпекс да нé известат за еден значаен момент од нивното работење – оваа компанија досега во Македонија има продадено 20.000 возила од марката Peugeot. За овој модел на Peugeot кој означува нов почеток на марката досега зборувавме и допрва уште ќе зборуваме. Сме зборувале и за Еуроимпекс, но и покрај тоа што со своето 28-годишно постоење оваа компанија е доста добро позната на сите нас, сепак веста за пласираните 20.000 возила во Македонија беше изненадување. Најмногу заради тоа што доаѓа во период кога продажбата на нови возила е во скоро целодецениски колапс. Еуроимпекс како прва автомобилска компанија основана во Македонија во 1990 година денес е генерален увозник за Peugeot на регионот кој ги опфаќа Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово. Тоа е добар доказ дека бројката задоволни клиенти на која компанијата ја става на прво место на листата на импортери во Македонија, во иднина секако рапидно ќе се зголемува. За да го сфатиме вистински нејзиното значење, треба да се спомене дека од осамостојувањето на Македонија до денес кај нас, според нашата пресметка, се продадени околу четвртина милион нови возила. Тоа автоматски значи дека секое 12-то или 13-то возило кое кај нас е увезено како ново, е од марката Peugeot.