Новиот закон на данок на возилата пред донесување

Top News Македонија

Новиот закон на данок на возилата пред донесување

Објавено на 8 декември 2019 година

Владата го достави до собранието предлог-законот за данок на возилата кој треба да ги замени акцизите. Главна новост е истакнувањето на еколошката компонента кај автомобилите бидејќи со него, за разлика од досега, ќе се плаќаат различни суми во зависност од еколошките перформанси на соодветното возило. Конкретно, данокот за возила ќе биде составен од две компоненти – вредносна и специфична. Вредносната ќе се пресметува на сличен начин како акцизата и ќе се одредува како процент од цената на возилото. Ќе зависи и од типот на горивото, исто како и специфичната која ќе се пресметува како производ на одредена сума која ќе ја одредува владата со количината на јагленород диоксидот во издувните гасови изразена во грамови на километар. Ќе се прави разлика и во тоа дали возилото е ново или употребувано, а ќе бидат оданочени и хибридните возила. Ќе бидат опфатени и пикапите, како и мотоциклите, трициклите и четирициклите, кај кои овој данок ќе се пресметува според јачината односно според зафатнината на моторот. Електричните возила од сите категории остануваат неоданочени. Просечната емисија на јагленород диоксид ќе се утврдува според NEDC или WLTP нормите ако возилото е хомологирано според нив, а доколку не може да се утврди, ќе се смета дека тоа емитува 400 g/km CO₂.

Предлог-закон за данок на моторни возила, по скратена постапка, е на дневниот ред на собранието на седницата закажана за среда, 11 декември во 13 часот, како 55-та точка на дневниот ред.