Нова година, нов данок на возилата

Top News Македонија

Нова година, нов данок на возилата

Следете нé – утре откако ќе излезат во службен весник ќе ги објавиме сумите со кои ќе се оданочуваат возилата

Објавено на 29 декември 2019 година

После собранието и владата го заврши својот дел од работата и ја донесе уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени со законот. Таа треба да биде официјализирана со нејзино објавување во службен весник по што ќе бидат целосно познати износите што ќе се плаќаат за одредени категории возила. Досега е позната само она што беше кажано од страна на министерството за финансии и царинската управа, а тоа е дека за возилата до 10.000 евра нема да се плаќа вредносната компонента од данокот туку само еколошката. Таа пак ќе зависи од типот на горивото – како пример беше наведен автомобил со емисија на 130 грама јагленород диоксид на километар за кој ќе се плаќа данок од 6.500 денари ако е со бензински мотор, односно двојно повеќе ако е дизел.

Според новодонесениот закон кој ќе започне да се применува од нова година, данок ќе се плаќа на сите моторни возила наменети за превоз на патници – автомобили, мотоцикли, мопеди, скутери, трицикли, четирицикли и пикап возила со двојна кабина, со бензински, дизел или хибриден мотор. Данок нема да се плаќа за електричните возила, а за плаг-ин хибридите ќе се пресметува само половина од сумата. Со законот е предвиден поврат на данокот за таксистите во висина од 25% односно 80% за возило со осум или девет седишта. Исто 80% од данокот ќе се враќа на правните лица за комби возило со осум или девет седишта за превоз на лица за службени потреби, како и за возилата за домување. Платениот данок ќе се врати во целост за нови трицикли или четирицикли набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена. Амбулантните, доставните и погребните возила нема да се оданочуваат.

Точните суми за кое возило колку данок ќе се плаќа ќе ги објавиме утре откако ќе излезат во службен весник.