Како Холандија се бори со загадувањето?
Објавено на 16 ноември 2019 година
Тоа не е популарна мерка, никој не ја сака, но е донесена за општо добро, рече холандскиот премиер по повод ограничувањето на брзината на 100 km/h во земјата на лалињата. А да не размислуваат така, би можеле набргу да останат без нив бидејќи емисиите на азотни оксиди по глава на жител се четири пати поголеми од просекот на ЕУ. Плус на тоа, земјата е скоро четири пати погусто населена од Европската Унија, па сметајте што значи тоа. Оваа мерка е една од итните кои се донесени со таа цел. Колку е критична ситуацијата кажува и фактот дека во мај беше донесена судска забрана со која се одложени околу 18 илјади градежни проекти токму заради загадувањето и воопшто кршењето на ограничувањата на нивото на азотни оксиди утврдени од страна на Европската Унија. А како за нив најодговорни се автомобилите, камионите и големите градежни машини кои користат дизел гориво, епилогот е јасен. Оваа мерка која засега се води како привремена ќе стапи на сила од 2020 година и ќе важи само дење, од 6 часот наутро до 19 часот навечер.