Нека денот ви започне порано
Благословен лично од папата Франциск, денес денот нека ви започне колку што може порано
објавено на 7 мај 2019 година
Мора така, бидејќи токму заради посетата на папата Франциск од организациски и безбедносни причини сообраќајот во центарот на градот и на автопатот и улиците кон и од аеродромот и претседателската палата е делумно или целосно забранет или пренасочуван. Од 6 до 19 часот целосна забрана на сообраќајот има скоро на сите улици внатре во големиот ринг од Мавровка преку Црвен крст и Нова Македонија до соборниот храм. Од 7:30 до 9 часот и од 17 до 18:30 часот улиците кон излезот на градот и автопатот кон аеродромот во двете насоки ќе бидат затворени за сообраќај. Оние кои доаѓаат од Куманово ќе возат по обиколницата и во Скопје ќе можат да влезат дури кај Радишани, а оние од Велес ќе бидат пренасочувани преку Идризово и Маџари. Краткотрајно во прекин ќе биде и сообраќајот на автопатот од Куманово кон Велес. Од 08:15 до 10 часот ќе биде затворен и булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска), а влезот на возила во клиничкиот центар забранет.
Рестрикции има и во движењето на пешаците, кои во обезбедената зона што се протега од плоштадот до старата железничка станица можат да влегуваат само низ определени места. Притоа со себе мора задолжително да носат документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки. Пристапот до плоштадот е строго ограничен, а кејот на Вардар од мостот Гоце Делчев до хотелот Холидеј ин од двете страни на реката забранет за движење. За полесна комуникација на граѓаните кои ќе ги обавуваат своите обврски, сите паркинзи на општина Центар, Градски паркинг и претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор се бесплатни, а бесплатен е и јавниот автобуски превоз кој се одвива под посебен режим, со доста изменети рути на движење на автобусите.