Toyota го заштити името Land Hopper
Има ли место за уште SUV модели во гамата на Toyota?
Премиерата на новиот Land Cruiser заврши со чудење – пред нејзиниот крај на екранот зад презентерот се појави сцена со силуети на два SUV модела и теренски скутер со три тркала, што беше доволно да започнат шпекулациите за што се работи. За поголемиот SUV, оној од десната страна, се верува дека ќе биде најавениот електричен bZ Large, а за помалиот, коцкастиот, сериска верзија на концептот Compact Cruiser EV. Токму тој во моментов предизвика поголем интерес бидејќи стигна вест од Јапонија дека Toyota го заштитила името Land Hopper.
Ако се спојат овие две независни една од друга информации лесно е да се заклучи дека има основа во размислувањата дека Toyota подготвува помала верзија на легендарниот теренец која јавноста ја нарече Бејби Land Cruiser. За малиот SUV официјално од Toyota нема никакви детали. Но еден од главните инженери има изјавено дека компанија за Land Cruiser разгледувала опции и за плаг-ин, fuel-cell и чисто електричен погон, но нив возило со шасија не може лесно да ги угости. Затоа пак помала верзија на Land Cruiser која би имала самоносечка каросерија би можела.
Како и да е, со оглед на брзината на пополнување на пазарните празнини во понудата на Toyota, не треба да се изненадиме ако наскоро нешто налик на концептот што го гледате на фотографиите стане реалност.