Како да се заштитиме од Covid-19 во возилата?

Top News Македонија

Како да се заштитиме од Covid-19 во возилата?

Објавено на 18 март 2020 година

Високозаразниот коронавирус стана горчлива реалност и кај нас. Секојдневно се зголемува бројот на заразените а граѓаните преземаат чекори за заштита од него. Најефективен начин на справување со вирусот е превенцијата. Едно од најголемите можни жаришта за пренесување, покрај јавните собирања и престојот помеѓу луѓе, се средствата за јавен транспорт меѓу кои спаѓаат и автомобилите, особено оние што се употребуваат за такси превоз. Експертите сé уште се обидуваат да откријат колку долго Covid-19 може да преживее на различни подлоги, но индикаторите покажуваат дека на цврста пластика и на метал вирусот може да преживее со денови! Од овие причини од големо значење е хигиената и дезинфекцијата на автомобилите. Логично се наметнува прашањето кои површини на автомобилот треба да се дезинфицираат и какви средства треба да се користат?!

Одговорот, барем на првиот дел од прашањето е едноставен. Доколку вие или некој друг што престојувал во вашиот автомобил има симптоми на Covid-19 неопходно за превенција од понатамошно ширење на вирусот треба да се дезинфицираат сите површини со кои се доаѓа во директен контакт. Пред сé тоа се воланот, прекинувачите на трепкачите и бришачите, отворачите на вратите, менувачката палка, копчињата преку кои се командуваат функциите во автомобилот, клима уредот, дисплеите чувствителни на допир па дури и манипулаторите на седиштата. Оваа постапка мора да се повторува неколку пати на ден доколку се работи за такси возило, а за возилата кои се дел од компаниските флоти и рент-а-кар компании, секогаш кога се најавува нов корисник.

Ентериерот на автомобилот не е издржлив како емајлираните и керамичките елементи што ги имаме во домовите па не треба да се користат истите средства за хигиена во автомобилите. Треба да се избегнуваат дезифициенсите што содржат варикина, амонијак или хидроген пероксид кои лесно може да ги оштетат пластичните делови во ентериерот и површините на екраните чувствителни на допир. Најевтин и ефикасен начин е да се употребува алкохол кој има најмалку 70% концентрација. Официјални претставници на неколку компании од Кина кои произведуваат делови за ентериери во автомобилите изјавија дека за дезинфекција користат таков или изопропил алкохол кои се ефективни на сите површини што се дезинфицираат од пластични, преку хромирани па сé до имитација на кожа. Исто така може да се користат за неутрализација на Covid-19 од платнени површини на седиштата како и кожените навлаки. Повеќето типови на кожа и нејзина имитација се премачкани со уретански слој за нивна заштита кој со тек на повеќе третмани со алкохол може да се уништи. Поради тоа е неопходно на неколку дезинфицирања да се користат кондиционери за кожа кои ќе го обноват заштитниот и ќе ја вратат еластичноста. Сепак, не е за потценување најстарата метода за одржување на хигиената со користење на сапун и вода, комбинација која е потполно безбедна за повеќето материјали во внатрешноста на возилата. Сепак мора да внимавате мешавината на сапун и вода да не содржи премногу од двете компоненти што може да резултира со појава на габи во текстилот а со тоа да се појави непријатна миризба. За чистење на сите површини треба да се користи крпа од микровлакна (микрофибер) која, според нејзината структура, содржи мали кругови кои лесно ги собираат нечистотиите и честичките од површината на која се делува. Доколку користите хартиени крпи ризикувате да ги оштетите површините кои ги чистите бидејќи влажната хартија во многу случаи се однесува како ситна шмиргла и ја гребе површината која се чисти.

Кога ќе го завршите дезинфицирањето на потребните површини во автомобилот не заборавајте темелно да ги измиете рацете. Фрекфентното миење раце и дезинфицирање на површините кои се подлежни на допир се двата најдобри начини за одбрана од ширењето на Covid-19 во возилата.