Иднината на Maserati повторно неизвесна
И повторно заради потези на сопственото раководство
објавено на 13 мај 2019 година
И покрај декларативните заложби на Fiat Chrysler, спиралата на судбината започна да го влече Maserati кон неизвесноста. Главниот удар ќе пристигне од Ferrari, кој ќе престане со производство на погонски единици за оваа марка. Соработката на двата италијански производитела кои до скоро беа заедно под капата на FCA датира од 2002 година. Во моментов V6 и V8 моторите од Маранело се вградуваат во сите модели на Maserati. Така ќе биде во наредните две-три години, после што договорот за соработка нема да биде продолжен. Изненадувачки е што одлуката за ова доаѓа од страна на Maserati, посебно затоа што дизелите веќе го загубија тлото под нозете.
Но во заблуда сте ако сметате дека иднината се гледа во електриката. Точно е дека компанијата се подготвува да лансира вакви верзии на повеќето свои модели, но Италијанците тврдат дека Maserati никогаш нема да стане производител исклучиво на електрични возила. Спротивно на трендовите, тие сметаат дека на марката ѝ требаат мотори со внатрешно согорување кои обезбедуваат сирови емоции. Со слични храбро искажани епитети во 2014 година беше претставен и Alfieri, во кој се полага голема надеж. Но тој е барем две години далеку од своето лансирање, кое лесно може да се одложи за уште две. Во меѓувреме продажбата и понатаму ќе паѓа – лани таа изнесуваше 35 илјади возила, што е за една третина помалку од претходната 2017-та година.