Зошто батериите не можат да се полнат брзо?
Објавено на 6 август 2019 година
Со развојот на технологиите и новите полначи, сé повеќе се скратува времетраењето на полнење на батериите на електричните возила – од некогаш многу часови, сега се потребни триесетина минути за достигнување 80% од капацитетот. Оние што ги следат вестите знаат и дека на пазарот се појавуваат сé помоќни и помоќни полначи, кои навидум ветуваат дека еден убав ден во не така далечна иднина за полнење на батериите на нашите автомобили ќе ни треба еднакво време како и за полнење гориво. Но, дали навистина е така?
Имено, при секој циклус на полнење и празнење на било какви батерии, се ослободува топлина. Таа зависи од јачината на струјата и брзината на полнење, што всушност значи што посилна струја и пократко време за која таа ќе протече од полначот до батериите, толку повеќе топлина, а со тоа и поголема опасност од пожар. Јасно, се скратува и нивниот век на траење. За да се спречи тоа, на батериите им се вградува систем за нивно ладење, но тој ефикасно функционира само во возење. Плус на тоа, ги зголемува тежината и цената на батериите, што исто така се нивни слаби точки. Затоа и претпазливоста со која кон овој проблем пристапуваат развојните тимови е сосема оправдана.