Златните раце на мајсторите на Bugatti
Објавено на 18 декември 2018 година
автор: Горан Рафајловски
Bugatti Veyron не се произведува скоро четири години, но сé уште ја окупира јавноста, овој пат со цените на деловите и сервисирањетоод кои ќе ви се заврти во главата. Така, редовниот годишен сервис кој вклучува замената на маслото и филтрите чини 16 илјади евра. Целата оваа операција трае 27 работни часа. За пневматиците кои се менуваат на секои 4.000 километри треба да се платат 35 илјади евра. И тоа без работна рака и транспорт на возилото до фабриката, бидејќи тоа може да се стори само таму. Ако пак треба да се замени резервоарот, тој чини 18 илјади евра плус уште 20 илјади за негова монтажа. Секоја од четирите турбини чини по 5.600 евра, на кои ќе се додадат уште по 8 илјади за мајсторите. Тие за промена на еден ладилник ќе наплатат само по 1.800 евра, но затоа за резервниот дел ќе побараат 8 илјади. Кај Bugatti Veyron сепак има и нешто евтино. Мерачот на проток на воздух чини 16 евра, а еден сензор за положбата на брегастата оска само 8 евра. Но ниту замената на овие делови не е евтина, бидејќи сметката на крај ќе биде поголема во првиот случај за 1.600 а во вториот за 5.200 евра. Погодувате, толку чини ангажманот на златните раце на сервисерите.