Зимата дојде, а менувачот не сака во рикверц…
Објавено на 1 декември 2019 година
Со доаѓањето на минусните температури лесно може да се случи во студените утра да не можете да уфрлите во рикверц и да излезете од местото каде сте паркирани. Силата и нервозата тука не помагаат – можат само да наштетат односно да се предизвика некој дефект, најчесто кинење на сајлата па дури и кршење на рачката од менувачот. Запчениците тешко дека ќе ги оштетите, но може да страда канџестата спојка која служи за спојување на запчениците со вратилото од менувачот која единствена кај рикверц нема прстени за синхронизација. Заради поедноставната конструкција на менувачот и системот за менување ова почесто се случува кај поевтините возила кај кои дури и ставањето во прва е потешко. Причината зошто е така е маслото кое на ниски температури станува (пре)густо. Доколку ви се случи тоа лекот е едноставен – оставете го моторот малку да работи, два-три пати притиснете ја педалата на спојката на празно, малку задржете ја и отпуштете ја, а потоа со притисната спојка пробајте да ставите во трета па во четврта. Повторете го тоа неколку пати, со што ќе го „размешате“ малку маслото во менувачот, доволно колку внимателно, без сила и напнување, да уфрлите во рикверц и да тргнете каде сте наумиле. Бидете внимателни со рачката на менувачот првите неколку минути бидејќи маслото во менувачот нема веднаш да се загрее и дозволи лесно менување.