За кои возила нема да се плаќа новиот данок

Top News Македонија

За кои возила нема да се плаќа новиот данок

Објавено на 12 декември 2019 година

Покрај новиот начин на пресметка и воведувањето еколошка компонента со која за возилата што помалку загадуваат ќе се плаќа помалку, новиот закон за данок на моторните возила предвидува и ослободување од плаќање за некои категории. Така на пример во член 6 став 3 е наведено дека не се предмет на оданочување патничките возила, мотоциклите, скутерите, трициклите и четирициклите само со електричен мотор за погон. Малку е чудно што и електричните пикапи не се споменати тука, што значи дека за нив ќе се плаќа данок. Понатаму, во член 9 став 3 е наведено дека за патнички возила кои се движат на хибриден електричен погон (комбинација на мотор со внатрешно согорување и со електричен мотор како погонски мотор) со можност да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична струја, односно плаг-ин возила, се пресметува данок намален за 50%. Во член 15 е наведено дека од данок се ослободени службените и приватните возила на дипломатските и конзуларни претставништва, посебни мисии и воените сили на НАТО, додека за оние на почесните конзули ќе се плаќа само половина од пресметаниот данок. Член 17 предвидува да бидат ослободени од данок моторните возила наменети исклучиво за спортски натпревари, привремено увезените возила поради учество на спортски натпревари, за тест возење, саеми и други приредби, при што привремениот увоз на овие возила може да трае најмногу 30 дена и возилата со статус на возило со историска вредност (олдтајмери) произведени пред 35 и повеќе години.

Во член 19 е наведено дека вкупниот износ од платениот данок ќе биде вратен доколку ново возило се одјави од евиденцијата на регистрирани возила и се извезе во рок од 120 дена од датумот на регистрацијата. Според член 21 на таксистите ќе им бидат вратени 25%, односно 80% од данокот ако се работи за возило со осум или девет седишта. Истото важи и доколку такво возило  правни лица користат за превоз на лица за службени потреби, како и за а возилата за домување. Истиот член предвидува и износот на платениот данок да се врати во целост за нови трицикли или четирицикли набавени од страна на регистрирани лица за вршење основна дејност комунална хигиена.