Заради загадувањето » Ден без вообичаениот сообраќаен метеж

Top News Македонија

Ден без вообичаениот сообраќаен метеж

Објавено на 28 јануари 2020 година

Сите што утринава дојдоа на работа со автомобил забележаа чудна појава – дека низ Скопје, барем низ централниот дел на градот, нема сообраќаен метеж. Ова се должи на итните мерки што градските власти ги презедоа против аерозагадувањето, кои согласно законот за квалитет на амбиенталниот воздух и на барање на владата и министерството за здравство и по добиеното известување од министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над пропишаниот минимум, стапија на сила веднаш. Во оној дел што нас нé интересира тие подразбираат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници сé до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена, но и двојно зголемување на цената на паркирањето на паркиралиштата на градски паркинг сé до укинувањето на итните мерки. Понатаму, предвидено е градот да ги прекине сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност, а се повикани и градоначалниците од општините на градот да го сторат истото. Интензивирани се и инспекциските контроли, чистење на градските улици и булевари, а е повикано и министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот и да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, како и да се вршат зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.