Блесна втората северна ѕвезда од Кина
Volvo не учествува на салонот во Женева, но затоа Polestar е тука
Објавено на 6 март 2019 година
Електрични автомобили во Женева имаше и премногу, но еден се издвојува. Доаѓа од Кина, ама води потекло од Volvo кој не учествува на овој салон. Него го претставуваше Polestar, кој го покажа својот втор модел. Станува збор за лимузина со атрактивен дизајн која ќе биде сериозен конкурент на Tesla. Се темели на модуларната платформа развиена од Швеѓаните и има два електромотора кои развиваат вкупно 408 коњски сили. Со едно полнење на батериите со капацитет од 78 kWh вградени во подот може да помине 500 километри. Со својот надворешен дизајн Polestar 2 наголемо потсетува на поранешната студија Volvo 40.2. Пластиките на браниците и од страна му даваат благо робусен изглед кој потсетува на Cross Country моделите на оваа марка, а сличен впечаток оставаат и предните светла. Меѓу главните особености на ентериерот првенствено треба да се истакне новиот Android инфозабавен систем со кој се управува преку 11-инчноиот централен екран.
Иако почетокот на производството му е планирано за 2020 година, позната му е цената која ќе стартува од 40 илјади евра, но на почетокот ќе биде достапен само во Launch изведба која ќе чини за половина повеќе. На купувачите ќе им биде понуден и Performance пакетот кој вклучува 20-инчни тркала, Öhlins амортизери и Brembo сопирачки со златно- жолти клешти. Како и првиот модел на марката, ќе се продава исклучиво преку интернет.