Honda e prototype
Honda во долго исчекуваниот новитет револуционерно ги спои минатото и иднината
Објавено на 5 март 2019 година
Откако го видовме во Франкфурт пред година ипол, Honda не ни сервираше многу информации за својот електричен модел наменет за Европа. Јапонците сепак вредно работеа и за тоа време го подготвија за пазарно лансирање. Со едноставна ознака е, тој со својот минималистички дизајн нé враќа во времето на првата Honda Civic.
Во сличен стил е и внатрешноста, во која доминираат едноставните линии. Неговото сериско производство треба да започне при крајот на годинава, а засега не е познато во кои верзии ќе биде понуден. Во секој случај, Јапонците според некои поранешни најави, за почеток очекуваат во Европа да продаваат по скромни околу 5.000 примероци од него годишно. За разлика од концептот овој модел деклариран како прототип има пар врати повеќе и простор за 5 место 4 патници, а измени има и на предниот и задниот дел. Димензиски Honda e е за 100 mm пократка од Jazz и како него има максимална видливост за возачот, кратки препусти, широки траги на тркала но и камери кои ги заменуваат конвенционалните ретровизори, автоматски светла, систем за задржување на возилото во коловозната лента и друга електроника која позитивно влијае на безбедноста. За внатрешноста меѓу другото се предвидени управувач со греење, стартување без клуч, гласовни команди, како и пет екрани распоредени на предниот панел и дигиталната инструмент табла.
Автомобилот е направен на нова платформа со погон на задните тркала, но засега не е познато со каква силина ќе располага електромоторот. За погонскиот склоп се знае само дека ќе дозволи автономија со едно полнење на батериите од околу 250 km, при што 80% од капацитетот ќе може да се дополни за 30 минути. За крај и податокот дека Honda очекува до 2025 година две третини од нејзината европска продажба да бидат електрични модели.