E-Tron семејството на Audi доби уште еден член
Објавено на 5 март 2019 година
Засега е концепт, но од него ќе се изроди сериски модел со ознака Q4. Audi го планира за 2021 година, до кога неговиот дизајн сигурно ќе претрпи благо припитомување. Во оваа форма плени со впечатливата маска и осветлените e-Tron натписи. Овој компактен купе-кросовер ќе има Matrix LED светла, дигитална инструмент табла и голем екран на инфо-забавниот систем. Поставен е на Volkswagen-овата MEB платформа за електрични возила и има должина од 4,6, широчина од 1,9 и меѓуоскино растојание од 2,77 метри. Audi за него предвиде два електромотора со вкупно 306 KS, погон на сите четири тркала и батерии од 82 kWh кои му обезбедуваат автономија од околу 450 километри. Audi Q4 e-Tron забрзува до 100 km/h за 6,3 секунди, а најголемата брзина електронски му е ограничена на 180 km/h. Можно е серискиот модел да се појави и во изведби со конвенционални мотори со внатрешно согорување.