Советот на Европската унија го продолжи рокот на производителите на електрични возила во ЕУ и Велика Британија до крајот на 2026 година да се усогласат според новите правила.
Највисокото тело за одлучување на ЕУ го одложи воведувањето на тарифите за електричните возила со кои се тргува меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, кои требаше да стапат на сила на 1 јануари како дел од аранжманите по Брегзит. ЕУ планираше да воведе царина од 10 отсто за електричните возила што се произведуваат во Обединетото Кралство, доколку помалку од 45 отсто од нивната вредност доаѓа надвор од регионот.
Политиката има за цел да го поттикне развојот на синџирот на снабдување со батерии во Европа. Производителите на автомобили се залагаат за одложување на мерката бидејќи локалното снабдување со батерии не е подготвено. Тие рекоа дека тарифите главно би им помогнале на надворешните конкуренти, како што се кинеските производители на автомобили чиј извоз во Европа расте. Батериите претставуваат 30 до 40 проценти од вредноста на автомобилот и повеќето се набавени од Кина.
Се очекува европската автомобилска индустрија да може да се прилагоди на повисоките барања за содржина на возилата до 2027 година со проширување на производството на батерии за електрични возила во дадениот период. За оваа намена ќе биде обезбедена финансиска поддршка од 3 милијарди евра. Британската влада соопшти дека продолжувањето ќе им заштеди на производителите и потрошувачите до 4,3 милијарди фунти (4,7 милијарди евра) на дополнителните трошоци.
Продолжувањето на рокот им оди на рака на двете страни, односно се заштитуваат производителите на возила од ЕУ кои имаат свои фабрики во ОК. Најмногу профитира групацијата Stellantis која е сопственик на Vauxhall и во септември започна со производство на електрични комбиња во фабриката во Елесмер Порт, Англија. Токму Stellantis предупредуваше дека британските фабрики за автомобили се соочуваат со затворање доколку се наметнат дополнителните давачки како што беше планирано. Многу други во индустријата изразија слична загриженост.